Австрија донесе низа финансиски олеснувања за 2025 година со цел да ја ублажи инфлацијата. Мерките вклучуваат разни субвенции за електрична енергија, греење и транспорт до работа, како и бонуси за поправки и специјални додатоци за деца.
Инфлацијата во Австрија останува висока и изнесува 3,3%, а значително се зголемија трошоците за енергија, услуги, нафта и гориво.
Трошоците за електрична енергија се зголемија за 35% поради укинувањето на механизмот за ограничување на цените.
За да се ублажи финансискиот товар, за 2025 година се воведуваат различни олеснувања кои, според австриските медиуми, можат да достигнат 1.500 евра и повеќе.
Вработените и натаму ќе добиваат надоместок за транспорт до работа до 1.200 евра, зависно од местото на живеење.
Во Виена ќе се исплаќа бонус за електрична енергија од 100 евра.
Во повеќе покраини, граѓаните ќе можат да аплицираат за субвенции за трошоците за греење до 350 евра.
Работничката комора ќе обезбеди речиси 400 евра помош за домаќинствата со ниски приходи, зависно од покраината.
Самохраните родители со максимален годишен бруто приход од 25.725 евра ќе добиваат 60 евра месечно по дете, односно 720 евра годишно.
Овој додаток автоматски ќе се исплаќа заедно со семејниот додаток и ќе ја замени претходната финансиска помош за невработени и лица со ниски приходи.
Мајсторски бонус за 2025 година ќе изнесува до 1.500 евра, а пријавувањето ќе биде можно од март.
Сè уште постои бонус за поправки до 200 евра за електрични уреди и велосипеди, но средствата можат да се исцрпат поради ограничениот буџет.
Бонус за почеток на училиште и даночни олеснувања
Кампањата “Schulstartplus” ќе обезбеди 150 евра по дете за почетокот на учебната година. Исплатата ќе се врши преку мобилна апликација.
Ускладувањето на данокот за 2024 година ќе овозможи поврат до 1.000 евра за многу работници.
Со овие мерки, австриските власти сакаат да го ублажат растот на трошоците за живот и насочено да им помогнат на различни групи граѓани, пренесуваат австриските медиуми.