Урсула фон дер Лајен: Време е Европа да се издигне

Фото: X/@vonderleyen

Наградата Карло Велики, што се доделува за заслуги во промовирањето на европското единство, денес ѝ беше врачена на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која ја истакна потребата Европа да стане што е можно понезависна.

„Време е Европа да се издигне и да го започне следниот голем европски проект… Следната ера, нашиот следен голем проект, мора да биде насочен кон независна Европа“, рече фон дер Лајен при примањето на наградата во градското собрание во Ахен.

Таа додаде дека светот повторно е растргнат од „империјални војни“ и дека Европа мора да дејствува. „Европа се соочува со фундаментална одлука: дали да чека и потоа да реагира на акутни кризи или да ги преземе работите во свои раце и самата да ја одреди својата иднина“, нагласи претседателката на Европската комисија.

„Историско обединување“

Фон дер Лајен го истакна и „следното историско обединување“ како една од клучните задачи, алудирајќи на проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, како и со Молдавија и Украина.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека слободата и демократијата се вредности за кои треба да се „бориме и решително да ги браниме“, осврнувајќи се на постојаната поддршка за Украина. „Европската Унија беше успешна како проект за внатрешен мир. Сега мора да делува соодветно и на меѓународната сцена“, додаде тој.

На потребата од поголемо европско единство се осврна и шпанскиот крал Фелипе VI, кој изјави дека поделената Европа претставува „лесен плен“ за надворешни влијанија.

Наградата Карло Велики се доделува од 1950 година на поединци што дале значаен придонес за европското единство. Таа е проследена со парична сума од еден милион евра, која добитниците традиционално ја донираат во добротворни цели. Оваа година, средствата ќе бидат наменети за проект за грижа за украински деца.

Францускиот крал Карло Велики поголем дел од животот го поминал во Ахен, каде што и е погребан.

Зачлени се на нашиот е-билтен