Автомобилот „Кадилак“ на Елвис Присли во облик на гитара оди на продажба

Можеби најчудниот „Кадилак“ на светот оди на продажба. Она што е уникатно околу овој автомобил – во облик на гитара, е тоа што го користел Елвис Присли за еден од своите концерти во Лас Вегас, со што предизвикал доста големо внимание во јавноста во тоа време.

Денес, „Гитара“ автомобилот се нуди на продажба на „И-беј“ (eBay) – како автомобил којшто не е во возна состојба. Фотографиите покажуваат дека му е потребна целосна реставрација, но за вистински колекционер, ова би можело да биде вреден и уникатен проект. Старото возило чини 10.000 евра.

Се работи за видоизменет „Кадилак елдорадо“ од 1970 година, опремен со 8,2-литарски В-8 мотор, со 400 коњски сили и 745 њутн-метри вртежен момент, што беше доволно за да го движи возилото од нешто повеќе од два тона. Според достапните информации, на дизајнерот Џеј Орберг му биле потребни две цели години за да го модификува возилото.

Имено, „Елдорадото“ е преполовено, продолжено со дел којшто личи на вратот на гитарата. Дополнително, и задниот дел од автомобилот бил драстично преобликуван за да личи на тело на гитара.

Инаку, Орберг е можеби најпознат по спектакуларниот „Пантермобил“ – светло-розов автомобил што го изградил во 1969 година за ТВ-серијата „Розовиот пантер“, пишува „Индекс“. Во 1986, дизајнерот го претстави и „Американскиот сон“ – лимузина долга 30 метри, со 26 тркала, со хелиодром, базен со можност за нуркање, џакузи и воден кревет со целосна големина. Според Гинисовата книга на рекорди – ова е најдолгиот автомобил во светот.

И покрај угледот на неговиот творец, за „Гитара-Кадилакот“ на Елвис денес малку се знае. Сега се наоѓа во Орлеан, Франција, но не е познато како завршил во Европа. Елвис бил познат по својата љубов кон овие американски автомобили, честопати подарувајќи им ги и на пријатели, обожаватели, па дури и на туѓинци. 

Зачлени се на нашиот е-билтен