Бафет објасни зошто се одлучил да се повлече

Ворен Бафет не може точно да каже кога ја донел одлуката да му ги предаде уздите на „Беркшаер Хатавеј“ на Грег Абел. Но, во последниве години, Бафет забележал колку енергија неговиот именуван наследник внесувал во секој работен ден — и како неговите сопствени денови станувале сè побавни. Двајцата работеле со различно темпо — и таа разлика станувала сè поголема.

„Не постоеше магичен момент,“ рече Бафет, сега 94-годишник, во интервју за The Wall Street Journal. „Како знаете кој ден сте остареле?“

Акционерите и набљудувачите на „Беркшаер“ со години се прашуваа кој би можел да го замени Бафет — децениска икона на американскиот бизнис и финансиите. Но, откако го поминал 90-тиот роденден, Бафет почнал да чувствува нешто што повеќето луѓе го прифаќаат многу порано во животот: староста.

„Не почнав навистина да стареам, од некоја чудна причина, сè до кога имав околу 90 години“, изјави тој телефонски од својот кабинет во Омаха, Небраска. „Но кога еднаш ќе почнете да стареете, тоа станува – неповратно.“

Понекогаш ја губел рамнотежата, а имал и проблеми да се сети на имиња на луѓе. Весниците што ги читал одеднаш изгледале како да се испечатени со премалку мастило.

Во текот на изминатата година, овие мисли и чувства се претопиле во одлука. На 3 мај, на годишниот состанок на „Беркшаер“, Бафет го изненади инвестицискиот свет кога во последните минути од сесијата со прашања и одговори го откри својот план дека во декември ќе се повлече од позицијата извршен директор и ќе му отстапи место на Абел. Бафет ќе остане претседател на управниот одбор на компанијата и не постави временска рамка за заминување од таа функција.

Публиката во арената во Омаха замолкна додека Бафет зборуваше, а потоа започна со аплауз. Дури ни Абел, кој во тој момент стоеше со него на сцената, не знаеше што ќе се случи.

Абел, кој има 62 години, му се приклучил на „Беркшаер“ во 1999 година преку инвестиција во „MidAmerican Energy“, енергетска компанија од Де Мојн, Ајова. Импресиониран од неговите успеси во развојот на енергетскиот бизнис, Бафет во 2018 година го унапредил во потпретседател и го поставил за главен директор на сите неосигурителни операции на „Беркшаер“. До 2021 година, Абел веќе бил изборот на Бафет за негов наследник на местото извршен директор.

Зачлени се на нашиот е-билтен