Поранешниот американски претседател Џо Бајден ја опиша моменталната состојба во земјата како „мрачни денови“, повикувајќи ги граѓаните да останат оптимисти и да не подлегнуваат на притисоците врз слободата на говор и злоупотребата на извршната власт од страна на актуелниот претседател Доналд Трамп.
Ова беше негово прво јавно обраќање по завршувањето на терапијата со зрачење заради агресивен облик на рак на простатата. Бајден зборуваше во Бостон, каде што ја прими наградата за животно дело од Институтот „Едвард М. Кенеди“, пренесува CNN.
„Од своето основање, Америка служи како светилник за најмоќната идеја во историјата на владеењето – дека идејата е посилна од секоја армија, и ние сме помоќни од кој било диктатор,“ изјави Бајден, нагласувајќи ја важноста на ограничената претседателска моќ, функционалниот Конгрес и независното судство.
Осврнувајќи се на блокадата на федералната влада, која според него Трамп ја искористил за зголемување на својата контрола, Бајден порача: „Пријатели, нема да го разубавувам ова – живееме во мрачни денови.“ Сепак, тој изрази уверување дека земјата ќе го пронајде „својот вистински компас“ и повторно ќе излезе „посилна, помудра и поправедна“.
Бајден исто така ги пофали оние кои се спротивставуваат на притисоците од администрацијата – федерални службеници што поднесуваат оставки во знак на протест, универзитети и комичари кои, и покрај заканите, ја бранат слободата на говор.
„Америка не е бајка,“ рече тој. „Веќе 250 години тоа е постојана борба помеѓу опасноста и можноста.“
Бајден, кој има 82 години, се повлече од функцијата во јануари по завршувањето на својот прв мандат. Откако јавноста изрази загриженост за неговата возраст, здравје и ментална подготвеност, се откажа од кандидатурата за реизбор и ја поддржа својата потпретседателка Камала Харис, која минатата година загуби од Трамп.
Во мај беше објавено дека му бил дијагностициран рак на простата кој се проширил на коските, со висок степен на агресивност според Gleason-скалата (резултат 9 од 10). И покрај болеста, Бајден останува активен и во ноември ќе биде главен говорник на настан на Демократската партија во Небраска.
