Батиста Ре: Се надевам дека новиот папа ќе биде избран до крајот на денот, планирани се две гласања

Деканот на Кардиналскиот колегиум, Џовани Батиста Ре денеска изрази надеж дека новиот папа ќе биде избран до крајот на денешниот ден, пренесуваат италијанските медиуми. 

„Се надевам дека кога ќе се вратам во Рим вечер, ќе видам бел чад“, рече кардиналот Батиста Ре, кој не учествува на конклавата за избор на папа бидејќи има 91 година, пренесува италијанската агенција АНСА. 

Батиста Ре, кој е во посета на Помпеја, рече дека идниот папа прво мора да се обиде да ја зајакне верата во Бога во нашиот свет кој го карактеризира технолошки напредок, но во духовна смисла е забележливо дека тој помалку заборавил на Бога. 

„Затоа е потребно повторно будење“, порача кардиналот. 

Кардиналите на Римокатоличката црква денеска повторно гласаат за избор на нов папа, имајќи предвид дека на вчерашното прво гласање не беше избран нов поглавар.

Тие го започнаа денот со појадок, по што следуваше миса. Кардиналите денеска ќе гласаат вкупно четири пати – двапати препладне и двапати попладне, а двапати треба да излезе чад. 

Малку пред 12 часот денеска од Сикстинската капела излезе црн чад, а следниот се очекува околу 17:30 часот, пренесува АНСА. 

Црн чад се појави синоќа, што значи дека по првото гласање не е избран нов папа, а кога ќе биде изгласан новиот поглавар, од оџакот на Сикстинската капела ќе се појави бел чад. 

Конклавата за избор на 267-ми поглавар на Римокатоличката црква започна вчера, а во изборот учествуваат 133 кардинали. Претходните две конклави, во 2005 и 2013 година, траеја само по два дена. 

Папата Франциск беше избран на конклавата во 2013 година по два дена гласање. Почина на 21 април на 88-годишна возраст и беше погребан во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим.

Зачлени се на нашиот е-билтен