Соединетите Американски Држави очекуваат да објават нова безбедносна помош за Украина во наредните денови, изјави во петокот портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби.
Кирби рече дека најавата за нова помош е очекувана откако Вашингтон минатата недела објави дека ќе испрати 5,9 милијарди долари воена и буџетска помош за Украина, како и дека состанокот на Контакт групата за одбрана за Украина ќе се одржи во Германија на 9 јануари.
„Можете да очекувате и најава за нова безбедносна помош за Украина во наредните денови“, рече Кирби, без да даде повеќе детали.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно за очекувањата од новиот претседател Доналд Трамп, во четвртокот оцени дека неговата „непредвидливост“ може да помогне да се стави крај на војната во Украина.
„Трамп може да биде одлучувачки во оваа војна. Тој може да ни помогне да го запреме Путин. Тој е многу силен и непредвидлив“, рече Зеленски во телевизиско интервју, оценувајќи дека новоизбраниот американски претседател „навистина сака да стави крај на војната“.
Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа ги разбудува надежите во Киев за одлучувачки одлуки по речиси три години војна, но и стравувањата дека американската воена и финансиска помош, која републиканецот често ја критикуваше, може да се намали.