Белгискиот парламент го укина законот од 2003 година со кој земјата се обврза да се откаже од нуклеарната енергија. Конзервативната влада на премиерот Барт де Вевер, исто така, најави изградба на нови реактори, објавија агенциите.
Во Белгија постојат две комерцијални нуклеарни централи — во градот Доел, во Фландрија, близу холандската граница, и во Тјанж, во близина на границата со Германија.
Централите вкупно имаат седум реактори, од кои три веќе се деактивирани. Според законот од 2003 година, преостанатите реактори требаше да бидат исклучени до 2025 година.
Сепак, во 2022 година, поради загриженост за стабилноста на енергетското снабдување во услови на геополитички тензии и војната во Украина, владата реши да го продолжи рокот за работа на два од реакторите за уште десет години — до 2035 година.
Сегашната влада очекува дека со укинувањето на стариот закон, реакторите ќе можат да останат во функција до 2045 година.
Новиот закон ги елиминира одредбите кои предвидуваа напуштање на нуклеарната енергија до 2025 година, како и забраната за изградба на нови нуклеарни постројки.
Дебати и критики од соседството
Прашањето за нуклеарната енергија предизвикува остри дебати и во соседните земји. Особено нуклеарната централа во Тјанж беше предмет на критики — таму беа забележани оштетувања, особено на бетонската обвивка на реакторот.
Оваа централа се наоѓа на само 60 километри од германската граница и градот Ахен. Градските власти, како и германската федерална влада, неколку пати побараа нејзино затворање.
Во Германија, последната нуклеарна централа беше затворена во 2023 година, врз основа на одлука донесена во 2011 година од Бундестагот, како реакција на нуклеарната катастрофа во Фукушима, Јапонија. Таа одлука го следеше курсот поставен од социјалдемократско-зелената коалиција во 2002 година.
Расте интересот за нуклеарна енергија во Европа
Интересот за нуклеарна енергија повторно расте во многу европски земји.
Франција и Шведска, меѓу другите, планираат проширување на постојните нуклеарни капацитети. Италија ја разгледува можноста за изградба на нова нуклеарна централа — прва по неколку децении.
Дури и Данска, која важи за лидер во Европа по користењето на обновлива енергија, размислува за укинување на повеќедецениската забрана за нуклеарна енергија.
Данскиот министер за енергетика, Ларс Асгард, изјави пред парламентот на 14 мај дека владата ќе ја разгледа применливоста на новите нуклеарни технологии како дел од стратегијата за надминување на прекините во снабдувањето со зелена енергија.
Сепак, тој нагласи дека Данска сè уште треба да утврди дали малите модуларни нуклеарни реактори се навистина безбедни и како да се реши прашањето за складирање и третман на нуклеарниот отпад.