Стив Бенон, поранешен советник на американскиот претседател Доналд Трамп и еден од најгласните критичари на Илон Маск, повика Трамп итно да преземе контрола врз компанијата SpaceX и да го депортира Маск од САД.
Во својата емисија „War Room Live“ синоќа, Бенон изјави дека Трамп треба да потпише извршна уредба со која, преку Законот за одбранбено производство (Defense Production Act) – закон донесен за време на Корејската војна – би се мобилизирале националните безбедносни капацитети и би се запленила SpaceX.
„Владата на САД треба да ја преземе компанијата“, изјави Бенон.
Тој побара и одземање на безбедносните дозволи на Маск, како и суспендирање на сите федерални договори со неговите компании додека трае истрага.
„Маск треба да биде депортиран“
Бенон повика и на итно протерување на основачот на Tesla
„Илон Маск е нелегален имигрант. Тој мора да си оди“, изјави тој, иако Маск е натурализиран американски државјанин веќе повеќе од 20 години.
Во телефонски разговор за The New York Times, Бенон додаде: „Треба да се отвори официјална истрага за неговиот имиграциски статус бидејќи цврсто верувам дека тој е нелегален имигрант и треба веднаш да биде депортиран“.
Дополнително, Бенон побара властите да истражат и наводна употреба на дроги од страна на Маск, на што неодамна укажаа неколку медиуми.
Подгревање на конфликтот меѓу Трамп и Маск
Илон Маск е роден во Преторија, Јужна Африка, во 1971 година. Благодарение на својата мајка, канадската манекенка Меј Маск, добил канадско државјанство во 1988 година, а во САД пристигнал како студент. Таму студирал на Универзитетот во Пенсилванија, а подоцна станал и американски државјанин.
Судирот меѓу најмоќниот политичар и најбогатиот човек во светот, кој започна тивко минатата недела, кулминираше со сериозни изјави од обете страни и кулминираше среде Белата куќа.
Останува да се види дали овие повици од Бенон ќе најдат слух кај Трамп и дали ќе има конкретни последици по Маск и неговите бизниси.