Берлин, некогаш поделениот град што ја олицетворуваше Студената војна, денеска го одбележа падот на ѕидот пред 36 години со комеморативна церемонија на Бернауер Штрасе, улица што беше поделена на два дела кога беше подигнат Берлинскиот ѕид во 1961 година.
„Храбрите граѓани, со својата желба за слобода и единство, го срушија Берлинскиот ѕид“, рече градоначалникот на Берлин, Каи Вегнер, приклучувајќи се на комеморацијата за падот на ѕидот на 9 ноември 1989 година.
Аксел Клаусмаер, директор на Фондацијата Берлински ѕид, рече дека „сеќавањето на настаните од есента 1989 година нè обврзува да преземеме одговорност“.
Посетувајќи го спомен-местото на ѕидот обележано со рози, тој рече дека тоа ги обврзува луѓето да практикуваат толеранција, да ја бранат демократијата, слободата и човековите права и да го промовираат сонот за мирен соживот.
Берлинскиот ѕид го делеше градот на Исток и Запад 28 години. Во есента 1989 година, масовните демонстрации го ставија раководството на поранешна Источна Германија под таков притисок што на 9 ноември ги отвори затворените граници за своите граѓани да патуваат.
Десетици илјади луѓе ја преминаа од Источен во Западен Берлин таа вечер. Како резултат на тоа, падна и внатрегерманската граница што ја делеше Источна од Западна Германија.
Берлин сега ја одбележува годишнината за прв пат со Неделата на слободата во Берлин – околу 130 конференции, културни настани и разговори со очевидци на 80 локации до 15 ноември.
На настанот на отворањето, наречен Светски конгрес за слобода, имаше околу 200 дисиденти од повеќе од 50 автократски управувани држави. Вегнер на отворањето рече дека историјата на Берлин покажува дека желбата за слобода и демократија не може да се потисне.

