Берлин разочаран од самитот на Алјаска: „1:0 за Путин“

Германската влада соопшти дека внимателно го следи исходот од средбата меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, одржана во Анкоридж, Алјаска. Канцеларот Фридрих Мерц бил постојано информиран за текот на настаните, а неговиот тим останал во контакт со меѓународните сојузници, пренесе агенцијата dpa.

Иако Трамп најави дека ќе ги извести европските партнери за резултатите од разговорите, за сега нема јасни детали. На краткиот настап пред медиумите, двајцата лидери не спомнаа можен прекин на огнот во Украина.

Остра критика упати поранешниот дипломат и екс-претседавач на Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер. „Нема вистински напредок – јасно 1:0 за Путин. Нема нови санкции, за Украинците ништо, за Европа – длабоко разочарување“, напиша тој на социјалната мрежа Х.

Ишингер додаде дека Путин добил „црвен тепих“ од Трамп без никакви отстапки за возврат, предупредувајќи дека самитот поминал без конкретни резултати во однос на прекин на војната.

Зачлени се на нашиот е-билтен