Најмалку 60 лица загинаа во голем пожар што избувна во петкатен трговски центар во градот Кут, во југоисточен Ирак, објави Би-би-си.
Пожарот избувнал во средата навечер во новоотворениот мол „Корниш Хипермаркет“, кој бил отворен пред само седум дена. Властите соопштија дека огнот е веќе под контрола, но бројот на жртви е голем, а неколку лица сè уште се водат како исчезнати.
„Трагедија и катастрофа нè снајде,“ изјави регионалниот гувернер Мухамед ал-Мијахи, додавајќи дека ќе биде поведена правна постапка против сопственикот на трговскиот центар. Тој прогласи и тридневна жалост.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека животите ги загубиле 61 лице, од кои многумина починале од задушување во тоалети. Четиринаесет тела се целосно изгорени и сè уште не се идентификувани. Од зградата биле спасени 45 лица.
Очевидци на социјалните мрежи споделија видеа од пожарот, на кои се гледа како огнот зафаќа неколку ката, додека пожарникарите се обидуваат да го изгаснат. На некои видеа се гледаат луѓе кои се обидуваат да се спасат од покривот на објектот.
Амбулантни возила и по 04:00 часот по локално време продолжувале да носат повредени во болниците во градот.
Премиерот на Ирак, Мохамед Шиа ал-Судани, изрази сочувство до семејствата на жртвите и нареди итна истрага за причините за пожарот. Тој побара и итни мерки за спречување на слични трагедии во иднина.
Според изјави од очевидци, трговскиот центар немал систем за гаснење пожари, што го отежнало справувањето со огнената стихија. Граѓани чекаат пред објектот и болниците, надевајќи се на информации за исчезнатите блиски.