Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави во Пекинг дека Кина ги обновила своите ветувања дека нема да и испраќа оружје на Русија за војната во Украина, но изрази загриженост за активностите на приватните кинески фирми, пренесува АФП.
„Ние и другите земји добивме гаранции од Кина дека нема да обезбеди помош во оружје за Русија за употреба во Украина. Не видовме докази за спротивното. Сепак, она за што постојано се грижиме се кинеските фирми кои можеби обезбедуваат технологија што Русија може да ја користи за да ја унапреди својата агресија во Украина“, рече Блинкен.
„Побаравме од кинеската влада да биде многу внимателна во врска со тоа“, додаде тој.
Инаку, за време на денешната посета на американскиот државен секретар Антони Блинкен на Пекинг, САД и Кина се договорија да се обидат да го стабилизираат своето интензивно ривалство за да избегнат конфликт, но не најавија некој поголем напредок.
Кинескиот претседател Си Џинпинг го поздрави „напредокот“ откако се ракуваше со Блинкен во Големата сала на народот, големо место кое обично е резервирано за поздравување на шефовите на држави.
Блинкен, првиот на оваа функција што се сретна со кинескиот лидер од 2018 година, им рече на новинарите дека покренал спорни прашања како што е Тајван, демократски остров за кој Пекинг тврди дека е кинеска територија.