Блокадата почна: Трамп се закани со уништување, Иран возврати

нафтата

Откако стапи во сила американската поморска блокада на иранските позиции, претседателот на САД, Доналд Трамп, упати остра закана до Техеран, предупредувајќи дека секој ирански брод што ќе се доближи до зоната на блокада во Персискиот Залив ќе биде „веднаш уништен“.

Тензиите дополнително ескалираа откако Иран возврати со закани кон пристаништата во регионот. Според иранските државни медиуми, безбедноста во Персиски Залив и Омански Залив „или ќе важи за сите, или за никого“, додека воените власти порачаа дека „ниту едно пристаниште во регионот нема да биде безбедно“.

Ситуацијата отвора простор за сериозна ескалација на конфликтот, особено поради стратешкото значење на Ормуски теснец – клучна поморска рута за глобалната трговија со нафта и гас.

Британскиот премиер Кир Стармер најави дека светските лидери ќе се состанат оваа недела со цел да се изнајде решение за повторно отворање на теснецот. Тој, заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, планира иницијатива за координиран меѓународен притисок и дипломатско смирување на кризата.

„Теснецот мора да остане отворен – без услови и без наплата“, порача Стармер, нагласувајќи дека слободата на пловидба е од клучно значење.

Од Берлин, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул истакна дека одржувањето на Ормускиот теснец отворен е „обврска според меѓународното право“ и дека сите страни мора да го почитуваат тоа.

Американската војска веќе соопшти дека ќе го блокира целиот поморски сообраќај кон иранските пристаништа, мерка што започна во 14:00 часот по Гринич. Според американски извори, силите се подготвени долгорочно да ја спроведуваат блокадата, иако правилата за интервенција во случај на прекршување сè уште не се прецизирани.

Овој потег доаѓа откако Иран претходно го затвори Ормускиот теснец, како одговор на американско-израелските воени активности, со што дополнително се загрози стабилноста на глобалните енергетски пазари.

Аналитичарите предупредуваат дека блокадата може сериозно да ја погоди иранската економија, која во голема мера зависи од извозот на нафта, но истовремено носи ризици и за светската економија.

Зачлени се на нашиот е-билтен