Блумберг: Цената на нафтата расте. Дали е Македонија пред нов ценовен бран?

Ќе вивнат ли цените повторно е прашањето кое се наметнува веќе од претходната недела кога три пати поскапе дизелот, анализира бизнис порталот Блумберг. Првата редовна одлука за промена на цените на нафтените деривати Регулаторната комисија за енергетика ја донесе во понеделникот кога цената на ова гориво се зголеми за 1,5 денари. Во четвртокот и петокот беа донесени уште две вонредни одлуки за зголемување на цените и со нив дизелот поскапе за уште 4,5 денари за литар.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, во телевизиско гостување минатата недела рече дека движењата на цените од минатата недела се само прв удар од иранско-израелскиот конфликт. „По она што го гледам, нафтата ќе оди меѓу 90 и 100 долари и тоа ќе предизвика пораст и на крајните цени на нафтените деривати, не само во Македонија, туку и во останатите земји“, рече тој во разговор за МТВ.

Се шири конфликтот на Блискиот Исток, ќе расте на цената на нафтата

Во прегледот на влијанијата што ги врши конфликтот Иран-Израел, во кој се вклучи и САД, Блумберг констатира дека најважните берзански вести повторно не доаѓаат од економијата, туку од Белата куќа.

Претседателот Доналд Трамп во неделата соопшти дека САД нападнале три ирански нуклеарни објекти — вклучувајќи го објектот Фордо, што се наоѓа длабоко под земја — со што САД директно се вклучија во израелската војна со Иран. 

Сѐ уште останува да се види како ќе реагира Техеран, но нападот најверојатно го става конфликтот на патот кон ескалација. За светската економија, проширениот конфликт го зголемува ризикот од повисоки цени на нафтата и дополнителен инфлаторен притисок.

Зачлени се на нашиот е-билтен