Богатството на Трамп се намали за 1,1 милијарда долари

Нетo-вредноста на американскиот претседател Доналд Трамп се намалила за околу 1,1 милијарда долари од септември, откако акциите на неговата семејна компанија Trump Media and Technology Group (TMTG) минатата недела паднале на најниско ниво од основањето.

Според „Форбс“, Трамповото богатство сега изнесува 6,2 милијарди долари, што е значителен пад во однос на рекордните 7,3 милијарди долари од пред два месеца.

Падот следи по намалувањето на вредноста на акцијата на TMTG, која во петокот изнесуваше 10,18 долари – близу историски минимум. Намалувањето се случи паралелно со наглиот пад на биткоинот и други криптовалути.

До септември, Трамп забележа раст на богатството од околу три милијарди долари во период од една година, што го искачи на 201. место на листата на 400 најбогати Американци на „Форбс“, напредувајќи за 118 позиции во однос на 2024 година.

Крипто-уложувањата како двигател на растот

Растот на неговото богатство претходно беше значително поттикнат од крипто-активностите на семејството Трамп, вклучително и проектот World Liberty Financial, најавен минатата година. Компанијата добила инвестиција од 75 милиони долари од крипто-претприемачот Џастин Сан.

Трамп и неговите тројца синови се наведени како коосновачи на World Liberty Financial, децентрализирана финансиска платформа што стартуваше во септември 2024 година. Создадени се 100 милијарди токени $WLFI, од кои 22,5 милијарди се доделени на фирмата DT Marks DEFI LLC, во која Трамп поседува околу 70%.

Токенот $WLFI првиот ден достигна вредност од 0,31 долари, но од тогаш падна на 0,158 долари. Според правилата на компанијата, основачите не смеат веднаш да ги продадат своите токени, што го ограничува и самиот Трамп.

Губитоци на TMTG

Во јануари, акцијата на TMTG достигнала 43,31 долари – највисоко ниво оваа година. Но, компанијата во третиот квартал пријавила загуба од 54,8 милиони долари и приход од само 973.000 долари, според документацијата поднесена до Американската комисија за хартии од вредност.

Биткоин-активите на фирмата паднале за 48 милиони долари, а дел од загубата била надоместена со 33 милиони долари добивка од криптовалутата Cronos.

Иако Трамп јавно тврдеше дека се повлекол од личните деловни интереси по изборите, дел од неговиот удел – вреден околу четири милијарди долари – бил префрлен во траст под управување на неговиот син Доналд Трамп Помладиот.

Трастот контролира речиси 115 милиони акции на TMTG, а Трамп е негов единствен донатор и бенефициент, покажуваат документите поднесени до регулаторните органи.

Зачлени се на нашиот е-билтен