Судирите на границата меѓу Тајланд и Камбоџа денес продолжија со несмален интензитет, оставајќи зад себе разурнати заедници и огромна хуманитарна криза. Според официјалните податоци, стотици илјади луѓе се принудени да ги напуштат своите домови и да побараат засолниште во привремени кампови од двете страни на границата.
Тајландските власти соопштија дека околу 400.000 лица се евакуирани од најпогодените региони, а околу 700 училишта се затворени. Борбите засега се концентрирани во четири погранични провинции, изјави портпаролот на тајландската војска, контраадмирал Сурасант Конгсири.
Во Камбоџа, Министерството за одбрана информираше дека се евакуирани над 127.000 жители, а затворени се и стотици образовни установи. Според последните достапни податоци, во Тајланд оваа недела загинале пет војници, а десетици се ранети. Камбоџа пријави седум загинати цивили и околу 20 повредени, но бројките денес не се ажурирани.
Иако меѓународните актери повикуваат на воздржаност, јасна перспектива за мир засега нема. Тајландскиот премиер Анутин Чанвиракул изјави дека земјата ќе продолжи да се бори, додека камбоџанскиот претседател на Сенатот, влијателниот Хун Сен, најави остар одговор на секоја агресија.
Како реакција на влошените односи, Камбоџа го повлече својот целосен тим од 33. Југоисточни азиски игри, кои вчера започнаа во Тајланд. Националниот олимписки комитет на Камбоџа соопшти дека одлуката е донесена поради загриженост за безбедноста на спортистите.
Новите жестоки судири уследија по инцидентот во неделата, кога беа ранети двајца тајландски војници, со што беше нарушено примирјето договорено во јули со посредство на Малезија и силен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп. Примирјето веќе тогаш се сметаше за кревко, оптоварено со пропагандни кампањи и низа помали прекугранични инциденти.
Трамп синоќа, на политички митинг во Пенсилванија, најави дека ќе се вклучи повторно за да се стави крај на обновениот конфликт. „Утре ќе морам да обавам телефонски разговор… Кој друг би можел да каже дека ќе застане помеѓу две многу моќни земји Тајланд и Камбоџа и ќе го сопре војувањето?“, порача тој.
Американскиот државен секретар Марко Рубио претходно ги повика двете земји да ги почитуваат обврските преземени на октомврискиот состанок во Малезија, каде повторно беше потврдено летното примирје. Рубио побара и повлекување на тешкото вооружување од границата, координирано расчистување на мините и преземање на други мерки за деескалација.
Иако напорите за посредување продолжуваат, судирите моментално не покажуваат знаци на смирување, а хуманитарната состојба во регионот станува сѐ покритична.