Бред Пит за своето искуство со „Анонимни алкохоличари“

Американскиот глумец Бред Пит даде ретко „интимно“ интервју за емисија „Армчејр експерт“ на Дакс Шепард. Во разговорот, имено, „оскаровецот“ отворено зборуваше за своето искуство во здружението „Анонимни алкохоличари“.

Во тоа здружение, мажи и жени споделуваат искуства, сила и надеж едни со други за да можат да го решат заедничкиот проблем со зависноста и да им помогнат на другите да се оттргнат од алкохолизмот. За Пит, тоа е „неверојатна работа“, како што вели.

– Мислам дека тие се, едноставно, неверојатни луѓе кои си ги споделуваат искуствата… Своите недостатоци, погрешни чекори, желби, својата болка и – со многу хумор во сѐ тоа. Мислам дека тоа беше навистина посебно искуство, изјави глумецот.

Водителот, кој и самиот е многу отворен за своите борби со злоупотребата на супстанции и трезноста, го праша Пит – дали е нервозен за тоа што јавно зборува со него, забележувајќи ја зголемената искреност и ранливоста кај својот гостин? Пит го увери дека е целосно опуштен и не се двоумел да зборува за тие лоши мигови од својот живот.

– Бев практично „на колена“ и отворен за сѐ… Пробував сè и од секого. Сè што некој ќе ми поддадеше. Ми беше тоа тежок период. И, ми требаше „рестартирање“. Морав да се разбудам во некои погледи од мојот живот. И тоа ми значеше многу, додаде Пит.

По неколку сесии, состаноците на „Анонимни алкохоличари“ станале нешто што со нетрпение го очекувал. Тој растел во конзервативна средина, па ова искуство било културен шок за него. 

– Таму откаде што доаѓам, мажите велат дека сè е одлично… „Сè е одлично“. Ова беше нешто сосем поинакво – мажи кои ги споделуваат своите слабости, грешки, копнежи, болка – и, сè со доза хумор. Беше неверојатно!, рече тој. 

Бред Пит почнал да оди на состаноците за рехабилитација откако Анџелина Џоли поднесе барање за развод. Тие двајцата се разделија во 2019 година, а разводот беше официјално завршен дури лани. 

Зачлени се на нашиот е-билтен