Брендирана облека, над 40 луксузни автомобили – Што сè има во вилата на Асад

Во објавените снимки на социјалните мрежи е прикажана колекција од повеќе од 40 луксузни автомобили што му припаѓале на соборениот сириски претседател Башар ал Асад. Во гаражата, која се наоѓала во близина на претседателската палата во Дамаск, се истакнуваат црвено „Ферари“ Ф50 вредно над три милиони долари, „Ламборџини“, „Ролс Ројс“ и „Бентли“, од кои најмалку едно возило е со таблички од Дамаск, пренесува Си-Ен-Ен.

На видеата, бунтовниците се гледаат како ја ограбуваат вилата на Асад, земајќи пари, луксузни предмети и кутии „Луј Витон“. Во една сцена, мажи носат скапи столчиња на рамениците, додека други туркаат голем ковчег по луксузниот паркет.

Освен тоа, видеата откриваат сцени од гардеробата на Асад и неговата сопруга Асма, позната по својата љубов кон скапа облека. Расфрлани се чаршафи, ќебиња и брендирани кутии, додека бунтовниците земаат скапоцени парчиња облека.

Интересна анегдота се појави од кујната на вилата – бунтовниците пронашле белешки на готвачите со упатства за оброците на семејството. Една од нив гласела: „Храна за госпоѓата: Не сака спанаќ – нема да го готвиме. Утре лосос или риба.“

Сцените ја покажуваат раскошната внатрешност на претседателската палата, каде што децата трчаат низ огромните соби, а шкафовите се ограбени и предметите расфрлани на подот.

Зачлени се на нашиот е-билтен