Британците не купуваат куќа ако е одалечена повеќе од 13 минути пеш од најблискиот паб

Локалниот паб игра значајна улога во процесот на одлучување за купување дом во Велика Британија, покажуваат истражувањата. Според податоците на Mortar Research, речиси една петтина (18%) од сопствениците на куќи признале дека дале понуда за купување имот додека седеле во локалниот паб.

Истражувањето на агенцијата за недвижности Zoopla открива дека за 24% од анкетираните, близината на пабот влијаела на нивната одлука за купување. За повеќе од една третина (36%), куќа оддалечена повеќе од 13 минути пеш од пабот не би била опција, додека растојанието од над еден и пол километар се смета за премногу далечно.

Дополнително, 49% од оние кои дале понуда за купување додека биле во паб, признале дека во моментот консумирале пијалок. Истражувањето, кое опфати повеќе од 2.000 сопственици на куќи, исто така покажува дека за многумина посетата на пабот била составен дел од процесот на избор на нов дом – 36% од испитаниците изјавиле дека пиеле или ручале во локалниот паб пред или по разгледувањето на имотот.

Три четвртини (76%) од анкетираните го сметаат пабот за важен дел од заедницата, а 49% сметаат дека блиското место за дружење е од големо значење. Од оние кои посетиле паб додека барале дом, 53% решиле да го купат имотот токму таму.

„Локалните пабови често се повеќе од места за пиење – тие претставуваат центри на заедницата и можат да бидат одлучувачки фактор при изборот на нов дом“, вели Ден Копли од Zoopla.

Ема Мекларкин, извршна директорка на Британската асоцијација за пиво и пабови, додава:
„Добриот паб нуди повеќе од квалитетен пијалок – тој е место каде што запознавате соседи, ги следите локалните вести и уживате во оброк. Пабовите имаат важна улога во заедницата и можат дури и да ја зголемат вредноста на имотот.“

Локалниот паб, како што покажува истражувањето, не само што е центар за дружење туку и изненадувачки важен критериум при купувањето дом во Британија.

Зачлени се на нашиот е-билтен