Британија сака да го намали бројот на илегални мигранти од Западен Балкан

Велика Британија ќе ги засили своите напори во борбата против криминалните мрежи од Западен Балкан кои овозможуваат илегални миграции, изјави синоќа премиерот Кир Стармер, неколку дена откако најави голем број реформи кои ќе помогнат во намалување на миграциите.

Во својата прва официјална посета на Албанија, Стармер ќе најави мерки за спречување на враќањето на албанските државјани во Британија откако ќе бидат депортирани и ќе стори повеќе за искоренување на перењето пари меѓу двете земји. Тој исто така ќе донира два уреди за откривање фалсификати со цел полесно да се препознаат оние кои користат лажни пасоши.

Тој исто така ќе најави проширување на заедничката работна група за миграции со додавање на Северна Македонија и Црна Гора. Групата инаку веќе ги вклучува Албанија и Косово.

Во 2022 година, Албанците беа најбројни мигранти во Британија, но бројот оттогаш нагло се намали, делумно поради договорот за депортација што го склучи претходната конзервативна влада.

Што се однесува до легалните миграции, кои го сочинуваат најголемиот дел од оние кои доаѓаат во Британија, Стармер претходно оваа недела вети значително намалување на нето-приливот, истакнувајќи дека земјата без построги правила ризикува да стане „остров на странци“.

Зачлени се на нашиот е-билтен