Британија се соочува со рекорден бран на „супер грип“

Во болниците низ Обединетото Кралство минатата недела просечно биле хоспитализирани 2.660 пациенти дневно заболени од грип, највисок број регистриран во овој период од годината и дури 55 проценти повеќе од претходната недела, јавува BBC. Националната здравствена служба (NHS) предупредува дека ситуацијата се влошува со забрзано темпо и дека земјата се приближува до најцрното сценарио за зимскиот сезонски бран.

Професорката Мегана Пандит, национална медицинска директорка на NHS, изјави дека овој „невиден бран на супер грип“ ја доведува здравствената служба до критична точка на оптоварување. Болниците веќе примаат толку пациенти што нивниот број би можел да исполни повеќе од три целосни болнички установи, соопшти NHS Англија.

Стручњаците веќе некое време предупредуваат дека сезоната може да биде исклучително тешка поради новата мутирана варијанта на вирусот грип, H3N2 „K“, тип на сезонски грип А. Бидејќи населението во последните години ретко доаѓало во контакт со овој сој, природниот имунитет е значително намален.

„Бројот на хоспитализирани пациенти е исклучително висок за овој период од годината“, нагласи Пандит, додавајќи дека во следните недели се очекува уште покритичен период, бидејќи пикот на заболување сè уште не е на повидок. Таа истакна дека здравствените работници „се доведени до крајните граници“ во обид да продолжат да обезбедуваат квалитетна грижа.

Научниците интензивно ја следат еволуцијата на грипот, кој постојано се менува и бара годишно прилагодување на сезонските вакцини. Промените понекогаш се постепени („drift“), но повремено доаѓа до нагли и значајни генетски скокови („shift“), каков што се случил со сегашната варијанта, што го објаснува широкото и брзо ширење на инфекцијата низ Британија.

Зачлени се на нашиот е-билтен