Британската морнарица: Пирати нападнале товарен брод во мореузот Баб ел-Мандеб, екипажот е безбеден

Товарен брод кој утрово минувал низ мореузот Баб ел-Мандеб бил нападнат од група лица за кои се сомнева дека се пирати, соопштија британските власти кои го надгледуваат овој стратешки поморски премин.

Британскиот Центар за поморска трговија информира дека пловила го бркале бродот и почнале да пукаат кон него.

Приватната безбедносна компанија „Диаплус груп“ соопшти дека бродот бил нападнат двапати и дека вооружените чувари одговориле со оган во самоодбрана. Екипажот, според нивните информации, е безбеден.

Мореузот Баб ел-Мандеб се наоѓа помеѓу Јемен, Џибути и Еритреја, и ги поврзува Црвеното Море и Аденскиот Залив, одвојувајќи го африканскиот континент од Арапскиот Полуостров.

Во овој важен поморски коридор, јеменските бунтовници Хути изведоа бројни напади за време на војната меѓу Израел и Хамас, кои беа прекинати по постигнувањето примирје на 10 октомври.

Зачлени се на нашиот е-билтен