Британската влада објави дека ќе ја намали возраста за гласање на изборите од 18 на 16 години, со што им овозможува право на глас на младите од 16 и 17 години низ целата Велика Британија.
„Денес го исполнуваме нашето ветување и им даваме право на глас на лицата на 16 и 17 години“, напиша Анџела Рејнер, втора по ранг во владата, на мрежата X (поранешен Твитер). „Младите веќе придонесуваат во општеството преку работа, плаќање даноци и служење во војската, па нормално е тие да имаат збор во прашањата што ги засегаат“, додаде таа.
Оваа одлука е дел од изборниот манифест на Лабуристичката партија од минатата година и ја усогласува гласачката возраст во цела Велика Британија со таа во Велс и Шкотска, каде 16-годишниците веќе имаат право на глас.
Промените се вметнати во новиот изборен закон кој, покрај намалувањето на возраста за гласање, воведува и други мерки како дозволување банкарски картички издадени во Велика Британија да служат како идентификација на гласачите, како и заострување на правилата за политички донации со цел заштита од странско мешање во изборниот процес.
Конзервативците најавија дека Парламентот најверојатно нема да ги разгледа овие предлози пред септември, поради летната пауза.