Британската разузнавачка служба MI5 повторно ги предупреди пратениците во парламентот за обидите на кинески агенти да собираат информации и да влијаат врз политичките процеси во земјата. Според најновите тврдења, Пекинг се обидува да влезе во британскиот национален парламент преку прикриени операции.
Пратениците биле информирани дека кинески шпиони се претставуваат како професионални посредници за вработување – т.н. „хедхантери“, или како компании кои нудат деловна соработка, со цел да воспостават контакт со политички претставници. На двајца поединци преку LinkedIn им биле понудени „обемни теренски задачи во име“ на кинеската влада.
Претседателите на двата дома на парламентот соопштија дека MI5 ги предупредила дека кинеското Министерство за државна безбедност „активно контактира со поединци во британската заедница“.
Министерот за безбедност, Дан Џарвис, пред пратениците изјави дека станува збор за „прикриен и внимателно осмислен обид“ на Пекинг да се вмеша во британската политика. Тој додаде дека владата ќе го активира новиот план за контрашпионажа и ќе се справи со заканата.
„MI5 посочи дека оваа активност ја изведува група кинески разузнавачки офицери, кои често работат под параван на тајни компании или надворешни хедхантери“, рече Џарвис.
Кинеската амбасада во Лондон не одговори на барањето за коментар. Најновото предупредување следува по октомврискиот извештај на MI5 во кој беше наведено дека кинески шпиони објавуваат лажни огласи за работа со цел да придобијат британски експерти да им достават чувствителни податоци. На онлајн платформите се појавиле илјадници сомнителни огласи.
Во септември, обвинителството се откажа од случајот против двајца Британци обвинети дека шпионирале за Кина, бидејќи владата не обезбедила доволно докази дека Пекинг навистина претставува закана за националната безбедност. Неуспехот на случајот доведе до критики од опозицијата, која обвинува дека премиерот Кир Стармер им дава приоритет на подобри односи со Кина во однос на безбедносните ризици, што владата го негира.

