Британскиот премиер Стармер со Зеленски: Време е да се зајакнат украинските средства за удари со долг дострел

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека е потребно „да се направи повеќе“ за зајакнување на украинските воени капацитети за удари со долг дострел, по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Лондон.

Средбата се одржа во пресрет на состанокот на таканаречената „коалиција на подготвените“, која ги обединува 26 претежно европски земји што ѝ даваат поддршка на Украина.

„Мислам дека можеме да направиме повеќе кога станува збор за средствата – особено за оние со долг дострел,“ изјави Стармер, додавајќи дека е клучно коалицијата да продолжи да работи и на безбедносните гаранции за Киев.

Состаноци во Лондон и нови дипломатски заложби

Стармер и Зеленски разговараа непосредно откако британскиот крал Чарлс III го прими украинскиот претседател – нивна третa средба во Велика Британија оваа година. Состанокот на коалицијата, кој се одржува во хибриден формат, ќе собере лидери како премиерката на Данска Мете Фредериксен, холандскиот премиер Дик Шоф и генералниот секретар на НАТО Марк Руте, додека францускиот претседател Емануел Макрон и уште дваесет други лидери ќе учествуваат преку видеоконференција.

Стармер, кој ја копретседава коалицијата заедно со Макрон, нагласи дека целта е Украина да биде во најсилна можна позиција пред зимата, особено поради зголемените руски напади врз енергетската инфраструктура на земјата.

Ограничени средства и нови предлози

Украина моментално располага со неколку типови ракети со долг дострел – домашно произведените „Фламинго“ и „Нептун“, како и француските „Скалп“ и британските „Сторм Шедоу“, но во ограничени количини. Киев безуспешно бара германски ракети „Таурус“, а САД одбиле да ѝ испорачаат „Томахавк“ ракети, што би ѝ овозможиле да изведува подалечни и прецизни удари.

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека ваквата испорака би претставувала „нова ескалација“ на конфликтот.

Финансирање преку замрзнати руски средства

Од Даунг стрит соопштија дека Стармер ќе ги повика партнерите да ја завршат работата околу употребата на замрзнатите руски средства – проценети на околу 210 милијарди евра – за финансирање на испораките на системи со долг дострел за Украина. Европските лидери, кои вчера се состанаа во Брисел, направија прв чекор кон тој план, но одлуката е одложена за декемврискиот самит.

Според предложениот модел на Европската комисија, би се издал заем од 140 милијарди евра, обезбеден со замрзнатите средства, со што би се зајакнала поддршката за Украина во следните две години.

Нов бран санкции против руската нафтена индустрија

Стармер исто така го поздрави „огромниот напредок“ постигнат оваа недела околу новите санкции кон руските енергетски компании, по одлуката на САД да замрзнат сета актива на „Росњефт“ и „Лукоил“ во Америка и да им забранат на американските компании да соработуваат со нив.

Москва ги оцени санкциите како „контрапродуктивни“, а Путин изјави дека тие нема значително да влијаат на руската економија.

Со овие дипломатски и економски потези, Велика Британија и нејзините сојузници сакаат да испратат јасна порака дека поддршката за Украина останува цврста и долгорочна, и покрај заморот што го чувствуваат некои европски земји од војната.

Извор:N1info.rs

Зачлени се на нашиот е-билтен