Британскиот премиер Кир Стармер денес вети значително намалување на имиграцијата во наредните четири години, нагласувајќи дека се потребни поефикасни контроли за да се зачува социјалната кохезија и да се поттикне вложувањето во локалната работна сила.
Имиграцијата беше клучно прашање при референдумот за напуштање на Европската унија во 2016 година, но бројот на мигранти оттогаш се зголеми за четири пати, што придонесе за раст на поддршката за десничарската, антиимиграциска партија „Реформа“ предводена од Најџел Фараж.
Стармер изјави дека нацијата мора да се води според правила што ги дефинираат правата, одговорностите и обврските, предупредувајќи дека без нив Велика Британија ризикува „да стане остров на странци“, објави Ројтерс.
Тој додаде дека неговиот нов план предвидува значително намалување на имиграцијата до крајот на мандатот во 2029 година, но не наведе конкретни бројки.
„Ова е ветување, но сакам да бидам јасен – ако биде потребно да преземеме дополнителни чекори за да го намалиме притисокот врз домувањето и јавните услуги, запомнете ги моите зборови – ќе го сториме тоа“, рече Стармер на прес-конференција пред Даунинг стрит.
Меѓу најавените мерки се: ограничување на визите за квалификувани работници само на оние со универзитетска диплома, забрана за компаниите во секторот за грижа да вработуваат странски работници, како и задолжување на бизнисите да инвестираат во обука на домашна работна сила.
Автоматското стекнување државјанство ќе се добива по 10 години престој, наместо по сегашните пет, освен за висококвалификувани кадри како медицински сестри, лекари и експерти за вештачка интелигенција, за кои ќе важат пократки рокови.
Покрај тоа, Владата планира да ги заостри јазичните барања, така што возрасните членови на семејства кои се зависни од носителот на виза ќе мора да покажат основно познавање на англискиот јазик. Како што беше наведено, ова ќе помогне во нивната интеграција и ќе го намали ризикот од експлоатација, пренесува Ројтерс.
Имиграцијата одамна е жешка политичка тема во Велика Британија. Критичарите предупредуваат дека социјалната кохезија може да биде сериозно нарушена ако Владата не обезбеди доволно домување и јавни услуги за зголемено население.
Сепак, многу економски сектори – вклучително и грижата за стари лица – тврдат дека немаат доволно домашна работна сила, додека работодавците во науката и технологијата предупредуваат дека рестрикциите за миграција можат да го ограничат развојот и економскиот раст.
По Брегзит, бројот на мигранти од ЕУ во Велика Британија значително се намали. Но, новите визни правила, зголемениот број странски студенти и луѓето што пристигнуваат од Украина и Хонг Конг придонесоа за нагло зголемување на имиграцијата во последниве години.
Во јуни 2023 година, нето миграцијата – разликата меѓу бројот на лица што влегуваат и оние што ја напуштаат земјата – достигна рекордни 906.000, во споредба со 184.000 во 2019 година, кога Велика Британија сè уште беше дел од ЕУ.
Директорот на Конфедерацијата за регрутирање и вработување, Ник Карбери, изјави дека „големата интервенција“ на премиерот ги вознемирила деловните лидери.
На новинарско прашање за загриженоста на бизнис-заедницата, Стармер одговори дека Велика Британија генерално бележи економска стагнација кога имиграцијата е висока.