Британските даночници ќе бидат сурови кон Јаник Синер и Ига Швјонтек, победниците на Вимблдон

Победниците на Вимблдон 2025, Италијанецот Јаник Синер и Полјачката Ига Швјонтек, ќе мораат да се соочат со значителни даночни оптоварувања, поради британскиот даночен систем кој се применува на паричните награди и спонзорските приходи поврзани со турнирот, пишува Forbes.

Секој од шампионите заработи околу 4 милиони долари (3 милиони фунти), но по даночните одбитоци, нивната нето добивка ќе биде речиси преполовена.

Оптоварувања за странските спортисти

Според Шон Пакард, даночен директор на OFS Wealth, ефективната даночна стапка изнесува околу 36,52%, што значи дека од 4 милиони долари, на Синер и Швјонтек ќе им останат приближно 2,5 милиони долари.

Дополнително, Швјонтек ќе треба да плати уште 4% данок во Полска, што ќе ѝ ја намали добивката за уште околу 162.000 долари. Синер, пак, ќе избегне дополнителни давачки бидејќи има пребивалиште во Монако, држава која не наплатува персонален данок на приход.

Победа на Синер и историска доминација на Швјонтек

Јаник Синер го совлада Карлос Алкараз со резултат 4-6, 6-4, 6-4, 6-4 во финалето за само три часа и четири минути, освојувајќи ја својата прва титула на Вимблдон, а четврта Грен слем титула во кариерата.

Швјонтек, пак, ја декласираше Американката Аманда Анисимова со 6-0, 6-0 за само 57 минути, без загубен гем — првпат во историјата на Опен ерата на Вимблдон (од 1911) некоја жена да освои титула без да загуби ниту еден гем во финалето. Последен ваков случај на Грен слем турнир се случил во 1968 година.

Што добиваат второпласираните?

Наградата од 2 милиона долари за финалистите (Алкараз и Анисимова) исто така е предмет на британски даноци. Според проценките, нивната добивка ќе биде намалена на околу 1,2 милиони долари.

Дополнително, за американските играчи како Анисимова, се пресметуваат и други давачки, како данок на самовработување и Medicare данок.

Монако – рај за спортистите

Монако е дом за голем број врвни спортисти кои бегаат од високите даноци: Новак Ѓоковиќ, Данил Медведев, Холгер Руне, Стефанос Циципас, како и возачите на Формула 1: Макс Верстапен, Ландо Норис и Шарл Леклер.

Наградниот фонд на Вимблдон оваа година изнесуваше 72,2 милиони долари, што е зголемување од 7% во споредба со претходната година.

Врвно платени тенисери

Според Forbes, Карлос Алкараз моментално е најплатениот тенисер во светот со 42,3 милиони долари вкупен приход. Швјонтек е четврта со 26,7 милиони, а Синер веднаш зад неа со 26,6 милиони долари.

Зачлени се на нашиот е-билтен