Бучавата во Европа — повеќе од непријатност, сериозна закана за здравјето

Повеќе од 110 милиони луѓе во Европа живеат во постојана изложеност на штетна бучава која сериозно го загрозува нивното здравје, покажува нов извештај објавен од Европската агенција за животна средина (ЕЕА) и пренесен од Гардијан. Бучавата, предизвикана главно од автомобили, возови и авиони, не е само непријатност – таа носи тешки последици. Според процените, 66.000 луѓе умираат предвреме секоја година поради стресот и нарушувањата на спиењето што ги предизвикува.

Извештајот ја истакнува сериозноста на проблемот, покажувајќи дека 20 проценти од населението во Европската економска зона живеат со нивоа на бучава што ги загрозуваат здравјето. Во Велика Британија дури 40 проценти од луѓето се изложени на штетна бучава од сообраќајот. Над 17 милиони луѓе се погодени од екстремно високи нивоа на бучава, кои експертите ги опишуваат како долготрајни и силно иритирачки, додека речиси 5 милиони имаат сериозни проблеми со спиењето.

Бучавата не ги погодува само возрасните – 15 милиони деца живеат во гласни средини, каде што нивниот развој може да биде загрозен. Економските трошоци поврзани со здравствените последици од бучавата се проценуваат на речиси 100 милијарди евра годишно.

„Бучавата не е само непријатност“, предупредува д-р Еулалија Перис од Европската агенција за животна средина, „таа не’ држи во постојана состојба на готовност, во режим на борба или бегство, дури и кога не сме свесни за тоа“. Ова создава физиолошки реакции како воспаление и оксидативен стрес, кои го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања, дијабетес, мозочен удар, дебелина, когнитивно оштетување кај децата и ментални нарушувања.

И покрај малото подобрување во последните години, бројот на луѓе изложени на штетна бучава во Европа се намалил само за 3 проценти помеѓу 2017 и 2022 година. Истражувачите нагласуваат дека за постигнување на целите на Европската Унија за намалување на изложеноста до 2030 година, потребни се значителни дополнителни мерки.

Експертите укажуваат дека преминот на електрични автомобили нема значително да ја намали бучавата на патиштата, бидејќи при поголеми брзини главниот извор на бучава не е моторот, туку контактот на гумите со патот. Намалување на ограничувањата на брзината, користење потивки гуми, подобрување на јавниот превоз, како и поттикнување на пешачење и возење велосипед се меѓу мерките што можат да помогнат.

„Децата се особено ранливи и ова е проблем кој сите земји мора итно да го решат“, истакнува Лина Јле-Мононен, извршен директор на Европската агенција за животна средина. Бучавата е често занемарувана и сметана за секојдневна непријатност, но нејзините долгогодишни ефекти врз здравјето и животната средина се сериозни и далекусежни.

Зачлени се на нашиот е-билтен