Буџетот на ЕУ е создаден за свет што веќе не постои

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави во вторникот дека буџетот на Европската унија е дизајниран за свет што веќе не постои и дека нема доволна флексибилност за да се справи со сè поизразените геополитички и трговски тензии.

„Денес се соочуваме со растечки геополитички тензии. Се прекројуваат трговските правила. Екстремните временски настани се сè почести поради климатските промени, а технолошките промени се случуваат побрзо од кога било досега. ‘Новата нормалност’ не е нормална“, изјави фон дер Лајен на Годишната конференција за буџетот на ЕУ, што се одржа во Брисел, пренесува Anadolu Agency.

Таа истакна дека на Унијата ѝ е потребен флексибилен, агилен и прилагодлив буџет, додавајќи: „Денес работиме со буџет што беше замислен во 2019 и 2020 година – сосема поинаков свет.“

Објаснувајќи дека буџетот значи многу повеќе од бројки, фондови и правила, фон дер Лајен нагласи дека тој директно влијае врз животот и егзистенцијата на луѓето.

Таа потсети дека во изминатите пет години постојано ги тестирале границите на тоа што може да се направи со постојниот буџет, и дека при секоја вонредна ситуација одржувале долги состаноци барајќи начини за пренамена на средствата.

Фон дер Лајен објасни дека средствата за земјите членки ги прибирале преку фондот формиран за време на изолацијата во пандемијата на ковид-19 и економскиот пад, а дека пари од буџетот за вонредни состојби биле искористени за економско закрепнување и енергетска безбедност.

Укажувајќи на потребата од појасен фокус врз приоритетните прашања и поедноставен пристап до европските фондови, таа подвлече дека секој регион има свои специфични услови и предизвици и дека новиот буџет ќе се темели врз нова структура – национални и регионални партнерства за инвестиции и реформи.

„Во нашиот следен буџет, кохезионата и заедничката земјоделска политика ќе имаат централно место“, нагласи фон дер Лајен.

Долгорочниот буџет на Европската Унија е познат како Повеќегодишна финансиска рамка. Со него однапред се одредуваат горните годишни лимити за буџетските трошоци и се распределуваат средствата во согласност со политичките приоритети на Унијата. Буџетот се усвојува за период од седум години, со максимално дозволени износи определени според прецизни правила.

Рамката за периодот 2021–2027 година, со вредност над 1.200 милијарди евра, беше утврдена во 2020 година.

Покрај овој буџет, беше создаден и економски спасувачки пакет од 800 милијарди евра, со кој се поддржаа земјите членки во справувањето со последиците од ковид-19.

Долгорочниот буџет на ЕУ се усвојува со согласност на Европскиот парламент и едногласна одлука на земјите членки во Европскиот совет. Најголемиот дел од буџетските приходи доаѓаат од придонеси на земјите членки, а ревизијата ја врши Европскиот ревизорски суд со седиште во Луксембург.

Зачлени се на нашиот е-билтен