Будимпешта е најверојатна дестинација за самитот Путин-Трамп-Зеленски

Белата куќа планира опција за трилатерална средба меѓу претседателите на САД, Украина и Русија во Будимпешта како следен чекор во обидите да се скрои пат до прекин на војната. Тајната служба разрабатува сценарија за безбедносна логистика, но локацијата не е финализирана, а портпаролката Каролин Левит одби да потврди детали. Како алтернативи се споменуваат и Женева и Москва. Пренесува Политико во утринската анализа.

Будимпешта би била симболично чувствителен избор за Киев поради Будапештанскиот меморандум од 1994 година, но Вашингтон ја гледа како практична прва опција; Женева се наведува како можност и поради потенцијални правни гаранции за руската страна во контекст на меѓународниот налог.

Кремљ во меѓувреме „го забавува чекорот“. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави на државна ТВ дека Москва не исклучува разговори, но инсистира процесот да тече „чекор по чекор, од експертско ниво па нагоре“, формулација што сигнализира одолговлекување.

Од Белата куќа велат дека и Владимир Путин и Володимир Зеленски „изразиле подготвеност да седнат еден со друг“, а можно е билатералната средба да биде проследена со трилатерална. Истовремено, Трамп јасно исклучи американски копнени трупи во Украина, но остави простор за воздушна поддршка во рамки на договор што би го предводила Европа.

Паралелно се крои и безбедносниот пакет: претседавачот на Здружениот генералштаб, ген. Дан Кејн, ги собира колегите од Германија, Британија, Франција, Финска и Италија во Вашингтон за да разговараат за гаранциите и нивната имплементација, а НАТО началниците држат виртуелен состанок во среда. Дел од опциите предвидуваат американска воздушна и логистичка поддршка на евентуална европска мисија.

Иако дипломатскиот прозорец се отвора, остануваат значајни пречки: несигурност околу форматот, местото и темпото на преговорите, како и прашањата за територија, гаранции и улогата на НАТО. За сега—сигналите за средба постојат, но ништо не е договорено додека не биде договорено.

Зачлени се на нашиот е-билтен