Проценета на 33,1 отсто од официјалниот БДП, сивата економија на Бугарија е најголема во Европа според студијата спроведена од Одделот за економски и научни политики и политики за квалитет на живот, на барање на комисија на Европскиот парламент.
По Бугарија следуваат Хрватска (29,7 отсто) и Романија (29 отсто), многу над останатите земји чии сиви економии изнесуваат помалку од 23 отсто од нивниот БДП.
Ако по економската криза од 2008-2009 година уделот на неформалната економија во европските земји постојано се намалуваше, во последните три години, поради избувнувањето на пандемијата и војната во Украина, тој значително се зголеми, се вели во европската анализа.
Ако во Германија, Австрија и Данска даночното оптоварување (директно и индиректно) е главната причина за сивата економија, тогаш во Романија, Италија и Грција одлучувачки фактори се високото ниво на самостојна работа, невработеноста и односот кон даноците.
„Од огромно значење е да се разбере дека создавањето дополнителна вредност за формалната економија може да се постигне првенствено преку формализирање на неформалната економија. Борбата против неформалната економија е поефикасна кога нелегалните активности се префрлаат од неформалниот во формалниот сектор на економијата, а не кога ќе се отстранат“, истакнуваат авторите на студијата.
Недостатокот на доверба во јавните службеници, лошиот квалитет на деловното законодавство, даночната политика, како и државната поддршка за претприемачите, заедно со релативно високите социјални придонеси, корупцијата, политичката нестабилност, релативно високото оданочување и несигурноста во однос на регулаторните политики – сето тоа придонесува за раст на сивата економија.