Бунтовниците го зазедоа клучниот град Увира во Конго, се руши „Трамповиот мир“ во Африка

Бунтовничката група М23 ја зацврсти контролата врз стратешкиот град Увира на истокот на Демократска Република Конго, потврдија локални жители, додека владата во Киншаса предупредува дека напредувањето на бунтовниците, за кои се смета дека добиваат поддршка од Руанда, го доведува во криза мировниот договор што американскиот претседател Доналд Трамп го нарече „историски“.

Заземањето на Увира, клучен град на езерото Тангањика во провинцијата Јужен Киву, се случи само една недела по потпишувањето на мировниот договор во Вашингтон.

Истовремено, бегалци од Конго сведочат за ужасни сцени на смрт и разделени семејства при бегството од ескалацијата на судирите, јавува Al Jazeera.

Иако денес во Увира владее привиден мир, низ градот патролираат тешко вооружени борци на М23. Вчера ги пребарувале улиците во потрага по преостанатите конгоански сили и сојузничките милиции „Wazalendo“.

Некои жители внимателно излегуваат од домовите барајќи храна, по денови поминати во бегство.

„Владата ни тврдеше дека Увира никогаш нема да падне. Денес реалноста е спротивна“, изјави локалниот наставник Годефроа Шенгези.

Дописникот на Al Jazeera, Ален Уајкани, јави дека на патот кон Увира видел тимови на Црвениот крст како собираат тела и ги погребуваат крај патот, како и уништени воени камиони и посмртни остатоци на загинати.

Обединетите нации соопштија дека во последните денови се раселени околу 200.000 луѓе, а десетици цивили се убиени.

Во бегалскиот камп Нјарушиши во Руанда, Акилимали Миринди раскажа дека успеала да избега со само три од своите десет деца. „Не знам што стана со другите седум, ниту со нивниот татко“, рече таа.

Други бегалци сведочат за бомбардирање од повеќе насоки. „Бомбите паѓаа од различни страни“, изјави 67-годишниот Томас Мутабази. „Моравме да ги оставиме семејствата и нивите.“

Увира, град на границата со Бурунди, е само 30 километри од главниот град Буџумбура, што ја поттикнува загриженоста дека конфликтот може да се прошири. Бурундиските војници, кои веќе се во Конго, ѝ помагаат на конгоанската армија во борбите против М23.

Портпаролот на М23, Лоренс Канјука, ги обвини бурундиските трупи дека „фрлаат бомби и користат тешко вооружување“ што убива цивили, додека лидерот на коалицијата AFC, Корнеј Нангаа, порача дека борбите се „строго конгоанска работа“.

Напредувањето на М23 се случува само седум дена по состанокот на конгоанскиот претседател Феликс Чисекеди и руандскиот лидер Пол Кагаме со Доналд Трамп во Вашингтон, на кој сите три страни ја потврдија поддршката за новиот мировен договор.

Владата на Конго ја повика меѓународната заедница да преземе „итни мерки“, обвинувајќи ја Руанда дека распоредила специјални сили во Увира. Американската амбасада во Киншаса повика на повлекување на руандските трупи, додека конгоанската министерка за надворешни работи побара САД да ги прошират санкциите против руандски поединци и воени структури.

Руанда продолжува да негира дека ја поддржува М23. Аналитичарите предупредуваат дека мировниот договор има фундаментален недостаток.
„Спогодбата не ги решава корените на конфликтот и го исклучува М23 од процесот,  траен мир е невозможен без групата на масата за преговори“, вели Џервин Наидо од Oxford Economics.

Зачлени се на нашиот е-билтен