CBS: Идентификуван осомничениот за убиството на демократската претставничка и нејзиниот сопруг од Минесота – бил маскиран како полицаец

Властите во Минесота го идентификуваа Венс Лутер Батлер како осомничен за убиството на демократската претставничка Мелиса Хортман и нејзиниот сопруг. Според информации на CBS News, кои се повикуваат на полициски извори, потрагата по него е во тек.

Батлер, маж во своите 50-ти години, е осомничен и за ранување на демократскиот сенатор Џон Хофман и неговата сопруга, кои со повеќекратни прострелни рани се пренесени во болница и оперирани.

Во возилото на Батлер, што било паркирано во дворот на семејството Хортман, полицијата пронашла список со повеќе од 50 потенцијални цели, меѓу кои се наоѓале и функционери надвор од Минесота, активисти за правото на абортус и медицински персонал кој спроведувал такви процедури.

Дополнително, пронајдени биле и флаери поврзани со тековните антивладини протести „Без кралеви“, кои се одржуваат ширум САД против претседателот Доналд Трамп.

Гувернерот на Минесота, Тим Волц, изјави дека сè укажува на тоа дека се работи за „политички мотивирано убиство“. Тој додаде дека се надева на закрепнување на сенаторот Хофман и неговата сопруга, иако нивната состојба и натаму е сериозна.

„Внимателно сме оптимисти дека ќе го преживеат овој обид за убиство“, изјави Волц.

Шефот на Бирото за криминално апсење, Дру Еванс, соопшти дека полицијата го забележала осомничениот како излегува од домот на Хортман, облечен во полициски елек, со значка, тазер и друга опрема. При обид за апсење, Батлер отворил оган кон полицајците, по што успеал да побегне пеш.

Според полицијата, напаѓачот ги напаѓал демократските членови на Конгресот тропајќи на нивните врати и барајќи од нив да излезат, по што следеле нападите.

Претседателот Доналд Трамп бил информиран за настанот и преку својата портпаролка, Каролин Ливит, испратил порака дека „таквото ужасно насилство нема да се толерира“.

Федералното истражно биро (ФБИ) е целосно ангажирано на терен. Заменик-директорката на агенцијата, Ден Бонгино, изјави дека сите расположливи ресурси се ставени во функција на истрагата и апсењето на напаѓачот.

Во меѓувреме, полицијата апелира до жителите на две предградија на Минеаполис да останат во своите домови додека трае потрагата по осомничениот, кој бил преправен во полицаец.

Гувернерот Волц активираше и Центар за итни операции и најави дека „сите државни ресурси“ се ставени на располагање на локалната полиција.

Зачлени се на нашиот е-билтен