Чешка не му верува на Путин и ќе продолжи да ја помага Украина со муниција

Чешкиот премиер Петр Фијала денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин само бара изговори за да избегне примирје кое го предлага Украина и западната „коалиција на подготвените“, и затоа Чешка продолжува со својата Иницијатива за муниција, преку која посредува во снабдувањето на Украина со артилериска муниција од трети земји.

– Додека Украина е подготвена за целосно примирје, кое го поддржуваат и Европа и САД, Владимир Путин го одбива и повторно бара начини да го избегне. Повторно се покажува кој сака војна, а кој мир. Притисокот врз Москва мора да продолжи, тоа е единствениот начин да се прекинат страдањата на милиони луѓе, изјави денеска Фијала за чешкиот портал Сезнам Зправи (Seznam Zpravy).

Фијала додаде дека заедничката цел на „коалицијата на подготвените“, која вклучува дел од земјите на ЕУ и Велика Британија, е да се изврши што поголем притисок врз Русија за да прифати праведен и траен мир.

– Патот до тоа е помош за украинската армија. Затоа ја продолжуваме Иницијативата за муниција, ги зголемуваме капацитетите за обука на украинските пилоти и испраќаме на фронтот тешка воена техника, рече Фијала.

Полскиот премиер Доналд Туск, по повод повикот на рускиот претседател Путин до Украина да седне на преговарачка маса на 15 мај во Истанбул без предуслови, порача дека светот сè уште чека на недвосмислена одлука за моментален и безусловен прекин на огнот.

„Ниту една жртва повеќе“, порача Туск на социјалната мрежа Икс.

Зачлени се на нашиот е-билтен