Чешкиот претседател: Никој не треба да има право да ја парализира ЕУ

Петр Павел (фото Би-Би-Си)

Чешкиот претседател, Петр Павел, денес на меѓународна конференција во Прага изјави дека Европската Унија, соочена со бројни предизвици, треба да остане обединета и да донесува одлуки и дејствува брзо и ефикасно, и дека никој не треба да има право да ја парализира, како што беше случајот со помошта за Украина.

„Ни е потребен пофлексибилен европски буџет и подобри механизми за донесување одлуки. Правото на вето мора да се користи одговорно. Тоа не може да го спречи остварувањето на основните интереси на ЕУ, како што е помошта за нападнатата Украина. Никој не треба да има право да ја парализира ЕУ како целина“, рече Павел на отворањето на дводневната конференција „Европа како задача“.

Чешкиот претседател исто така апелираше ЕУ да продолжи со својата политика на проширување со поголема активност и решителност од досега.

„Нашата задача е да ја зајакнеме и прошириме алијансата таму каде што тие се заинтересирани и каде што ја гледаат својата иднина во неа. Ако сакаме да живееме во силна и самоуверена Унија, не смееме да им ја затвориме вратата на земјите кои се заинтересирани или кои се борат за нивната и нашата безбедност и слобода“, рече чешкиот претседател.

Петр Павел предупреди дека двоумењето и неодлучноста создаваат простор за оние кои имаат за цел да ја ослабат ЕУ и да предизвикаат поделби во неа, што во сегашната ситуација претставува „луксуз кој не може да си го дозволи“.

Зачлени се на нашиот е-билтен