Претседателот на Чешка, Петр Павел, на годишниот состанок на командата на Чешката армија предупреди дека Русија не покажува интерес за мирна коегзистенција со Европа, но истовремено потсети дека европските држави мора да водат дијалог со Москва и да ги отвораат прашањата што Русија ги смета за „првични причини“ за војната во Украина.
„Она што Русија го наведува како услов за завршување на конфликтот — решавање на нејзините главни причини — нема да го реши примирјето во Украина. Причините остануваат, бидејќи се поврзани со безбедносните односи во Европа“, рече Павел пред чешките генерали.
Павел изрази жалење што Западот, според него, не се занимава доволно со тие темелни причини, предупредувајќи дека евентуалното решение на конфликтот ќе значи „тежок компромис“ со сериозни последици за Европа.
Тој нагласи дека без стратешки разговори со Русија за европската безбедност — „од Северниот Леден Океан до Црното Море“ — причините за конфликтите нема да исчезнат и дека постои ризик од нова ескалација.
„Нема смисла да повторуваме дека Русија не сака мирна коегзистенција, но мораме гласно да го кажеме тоа во општеството. Недостасува реална перцепција на заканите“, предупреди Павел, додавајќи дека тоа влијае и врз подготвеноста на граѓаните да ги поддржат трошоците за одбрана, како и врз волјата на политичарите да делуваат.
Тој додаде дека Чешка и Европа не можат да се потпираат само на САД, бидејќи ниту НАТО не може секогаш да функционира беспрекорно ако дел од сојузниците не ги исполнуваат своите обврски.
Началникот на Генералштабот на Чешката армија, генерал Карел Жехка, исто така предупреди дека безбедносните закани стануваат „остри и итни“, наведувајќи ги упадите на руски дронови во полскиот воздушен простор и заслепувањето со ласери од руски бродови во Балтичкото Море како конкретни примери.
„Со Русија во оваа ситуација не одиме на пиво. Договор можеме да постигнеме единствено од позиција на сила“, рече Жехка, посочувајќи дека покрај Русија постојат и други закани — меѓународен тероризам, ризици од масовна миграција и други безбедносни предизвици.

