Силата на Украина е во нејзиниот народ и во вашата храброст, вашата сила и вашата трајна надеж за иднина во мир и просперитет во обединета Европа, наведе претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во честитката по повод денешниот Ден на независноста на Украина.
– Денеска, кога го прославувате вашиот Ден на независноста, сакам да упатам најтопли честитки до секој од вас. Вие сте инспирација за сите Европејци! И ние ќе бидеме со вас онолку долго колку што е потребно за Украина да биде слободна. Заедно ќе извојуваме праведен и траен мир. Среќен Ден на независноста, Украина. Слава Украини!, порача Фон дер Лајен во видео честитката.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жосеп Борел, пак, во честитката нагласи дека денеска кога одбележува 32 години од стекнувањето на својата незавиност, Украина одбележува и повеќе од девет години откако Русија го наруши украинскиот суверенитет и 18 месеци од почетокот на руската војна на агресија врз Украина и украинскиот народ.
– Украинците секојдневно ентузијастички се борат за нивната слобода и независност, за демократија и за вредностите за кои сите ние се залагаме. Во исто време, Украина се трансформира себе си спроведувајќи клучни реформи и напредувајќи на својот пат да стене членка на Европската унија, наведе Борел во пораката по повод Денот на независноста на Украина.
Честитајќи им го празникот на Украина и на украинскиот народ, Борел потенцира дека иднината на земјата е во ЕУ и дека Унија е и ќе биде покрај неа онолку долго колку што е потребно, завршувајќи ја пораката со зборовите: „Слава Украини!“