Министерството за правда на САД соопшти дека открило повеќе од еден милион документи потенцијално поврзани со случајот Џефри Епштајн и дека ќе бидат потребни „уште неколку недели“ за да се обработат и објават во јавноста.
Министерството го објави ова во објава на социјалната мрежа X, велејќи дека американскиот обвинител за Јужниот округ на Њујорк и ФБИ го известиле одделот за новите документи.
„Министерството за правда ги прими овие документи од Јужниот округ на Њујорк и ФБИ за преглед и објавување, согласно Законот за транспарентност на Епштајн, важечките закони и судските налози“, се вели во соопштението, според CNN.
„Имаме адвокати кои работат деноноќно за да ги прегледаат и направат законски потребните редакции за заштита на жртвите и ќе ги објават документите што е можно поскоро. Поради обемот на материјалот, овој процес може да потрае уште неколку недели. Министерството ќе продолжи целосно да се придржува до федералниот закон и директивата на претседателот Трамп за објавување на досиејата“, се додава во соопштението.
Денешното соопштение доаѓа по серија објавени документи, како што е пропишано со новиот закон за транспарентност донесен од Конгресот минатиот месец.
Крајниот рок за објавување на сите материјали беше петок, а Министерството за правда објави огромна количина документи тој ден. Потоа следеше уште еден пост рано наутро во саботата, а уште еден голем пост во вторникот, кој содржеше неколку значајни референци за претседателот Доналд Трамп.