Американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување на царини од 25% на увозот на стоки од Европската Унија, еден од најголемите трговски партнери на САД, заедно со Кина. Овој потег, според Трамп, е насочен кон намалување на трговскиот дефицит кој САД го има со ЕУ, но во Брисел веднаш реагираа, најавувајќи реципрочни мерки. Доколку дојде до нивна примена, трговската војна меѓу двете страни би била неизбежна, вели економистот Александар Стевановиќ за Euronews.
Америка против Европа – кој ќе загуби повеќе?
Трамп тврди дека американската економија трпи загуби поради трговскиот дефицит со Европската Унија, кој го проценува на 200 милијарди долари, како и поради високите царини кои ЕУ ги има за увоз на американски автомобили.
„Причината за овој потег не е само економска, туку и политичка. Администрацијата на Трамп не верува дека САД се помалку конкурентни од Европа, туку дека правилата на игра се наместени во корист на Европската Унија. Тие сега користат царини како инструмент за притисок и не се грижат многу за тоа како ЕУ ќе реагира“, објаснува Стевановиќ.
Според него, Трамповите царини ќе ја погодат европската економија, особено компаниите што немаат алтернативни пазари за да ги компензираат загубите од американскиот пазар.
„Европа повеќе извезува во САД отколку што Америка извезува во ЕУ, што значи дека европските компании ќе бидат под поголем удар. Ќе мораат да најдат нови пазари или да променат стратегии, што не е толку едноставно“, вели тој.
Авто-индустријата на удар
Трамп во својата најава посебно ја истакна европската авто-индустрија, која веќе се соочува со предизвици.
„Американските царини би можеле сериозно да ја погодат европската авто-индустрија, која веќе е под притисок поради транзицијата кон електрични возила и намалената побарувачка. Трамп сака да ги натера европските производители да инвестираат во фабрики во САД, наместо да извезуваат во Америка“, објаснува Стевановиќ.
Тој смета дека Европската Унија нема да остане должна и дека ќе возврати со исти мерки.
„ЕУ не е ‘банана-држава’. Со сите нејзини проблеми и несогласувања, одговорот ќе биде јасен – реципрочни царини на американските производи. Тоа е сигурно како еден и еден се два“, вели Стевановиќ.
Дали има победник во трговската војна?
Иако и двете страни би претрпеле економски загуби, според Стевановиќ, Европа ќе биде во полоша позиција.
„Американците се подготвени да трпат краткорочни загуби ако тоа значи подобри трговски договори на долг рок. Европа, од друга страна, нема толку голема маневарска способност и би била приморана побрзо да бара решенија“, додава тој.
Сепак, постои можност Трамп да се повлече од оваа одлука.
„Трамп е познат по тоа што користи агресивни тактики во преговорите. Тој знае дека Америка исто така ќе трпи загуби, но проценува дека Европа ќе биде во уште полоша позиција и дека ќе биде принудена на отстапки“, заклучува Стевановиќ.
Во меѓувреме, останува да се види дали најавените царини ќе станат реалност или ќе бидат само уште еден инструмент за создавање притисок во трговските преговори меѓу САД и ЕУ.