Царините на Трамп ги срушија берзите ширум светот – Вол Стрит и Азија во проблеми

Во согласност со одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска стапи на сила нов сет царини кои ги погодуваат околу 60 земји, со посебен фокус на Кина. Овие мерки предизвикаа сериозни потреси на глобалните финансиски пазари – цените на акциите нагло паднаа ширум Азија, а Вол Стрит потона на најниско ниво во изминатата година.

На азиските берзи, индексот MSCI за азиско-пацифички акции утрово беше во минус од речиси 2%. Јапонскиот Nikkei потона за повеќе од 4%, додека индексите во Хонг Конг, Јужна Кореја и Австралија паднаа помеѓу 1,6% и 1,9%. Иако берзите во Шангај бележат благ пораст, инвеститорите очигледно се потресени од новите царини.

Немирите се префрлија и во Европа и САД. Фјучерсите во Европа и Вол Стрит влегоа во црвена зона – Eurostoxx 50 е во минус над 3,5%, а Nasdaq и S&P 500 бележат падови над 1,5%.

На Вол Стрит сите главни индекси забележаа пад. Индексот S&P 500 падна за 1,57%, на најниско ниво од април минатата година, Nasdaq изгуби 2,15%, а Dow Jones 0,84%. S&P 500 сега е 19% под рекордот од февруари. Од минатата среда, кога Трамп ги најави новите царини, индексот изгуби над 12%, што претставува пад на пазарната вредност на компании и банки од околу 5.800 милијарди долари.

И покрај надежите на инвеститорите за смекнување на мерките, Трамп ги исполни заканите – царините на кинеската стока се зголемени дополнително за 50%, достигнувајќи вкупно 104%. Како одговор, Кина најави контрамерки со царини од 54% на американска стока и одби да попушти под притисоци од Вашингтон.

Економистите предупредуваат дека двете најголеми економии во светот влегле во „игра на кокошки“ без јасен излез. Тинг Лу од Nomura изјави дека ситуацијата е „исклучително флуидна“ и дека моментално не може да се предвиди како трговската војна ќе влијае врз кинеската економија.

Инвеститорите бегаат кон сигурни валути – доларот слабеe

Покрај падот на акциите, пазарите се потресени и од девизни турбуленции. Доларот ослабе во однос на јапонскиот јен за 0,8% и во однос на швајцарскиот франк за 0,5% – валути кои традиционално се сметаат за „сигурно прибежиште“ во нестабилни времиња. Индексот на доларот падна од 102,95 на 102,20 поени, додека еврото зајакна на 1,1045 долари.

Во меѓувреме, кинеската централна банка дозволи пад на јуанот на најниско ниво од септември 2023 година, што Трамп го искористи за да ја обвини Кина за валутна манипулација. Сепак, тој изрази уверување дека Кина на крајот ќе побара договор.

Ситуацијата се влошува и поради растот на приносите на американските обврзници – што навестува дека странските инвеститори, особено кинеските, би можеле да почнат да го повлекуваат капиталот од САД. Индексот на волатилност (VIX), познат и како „индекс на стравот“, скокна на највисоко ниво од пандемијата во 2020 година, што укажува на сериозна загриженост кај инвеститорите.

Цените на нафтата паѓаат

Нафтените пазари исто така реагираа негативно – цената на барел нафта во Лондон падна за 4,14% на 60,25 долари, додека во САД падна за 4,55% на 56,90 долари.

И додека американските и азиските берзи се во пад, европските вчера забележаа силен раст – инвеститорите се надеваат дека преговорите меѓу САД и ЕУ околу царините би можеле да донесат позитивен исход. Лондонскиот FTSE порасна за 2,71%, франкфуртскиот DAX за 2,48%, а парискиот CAC за 2,50%.

Зачлени се на нашиот е-билтен