Цената на оризот почна да затвора ресторани во Јапонија

Во Јапонија е забележан рекорден број затворања на ресторани што служат кари, откако нагло се зголемија трошоците за основните намирници, особено оризот.

Според податоците на истражувачката куќа Teikoku Databank од Токио, во фискалната година што заврши во март, 13 ресторани со кари прогласиле банкрот, со долгови над 10 милиони јени (околу 70.000 долари). Ова е втора година по ред со рекорден број стечајни постапки, а реалната бројка на затворени објекти е веројатно поголема, бидејќи не се вклучени помалите семејни ресторани.

Главни причини за падот на секторот се недостатокот на ориз, неповолните временски услови, слабеењето на јенот и растот на цените на енергијата. Освен оризот, поскапени се и зачините, месото и зеленчукот – што значително ги намалува профитите на угостителите.

Јапонскиот кари, препознатлив по густиот кафен сос со месо и зеленчук, се служи со ориз и се смета за симбол на домашната кујна. Според Teikoku, цената на класичното јадење со кари и ориз достигна рекордни 365 јени (околу 2,50 долари) – највисока цена досега.

Во обид да го стабилизира растот на цените пред летните избори, владата на премиерот Шигеру Ишибе најави дека ќе пушти дел од државните резерви на ориз на пазарот.

За време на пандемијата на коронавирусот, побарувачката за кари нагло порасна благодарение на доставата и нарачките за носење. Но, по завршувањето на здравствената криза, потрошувачката се намали – што дополнително го погоди угостителскиот сектор, се вели во извештајот.

Зачлени се на нашиот е-билтен