Цените на нафтата на светските берзи бележат пад втора недела по ред, поттикнати од ескалацијата на тарифната војна меѓу САД и Кина, како и од најавата на ОПЕК за зголемување на производството.
Минатата недела, цената на барел сурова нафта на лондонската берза се намали за 1,3% и достигна 64,76 долари, додека на американскиот пазар барелот се тргуваше по цена пониска за 0,8%, односно 61,50 долари.
Ова продолжение на надолниот тренд доаѓа по повеќе од 10% пад неделата претходно, при што трговците остануваат загрижени поради заострените царински мерки што ги презема Вашингтон.
Тарифите на САД и Кина ги туркаат цените надолу
Причината за падот е во стравувањата дека економската пресметка меѓу двете најголеми светски економии ќе предизвика забавување на глобалниот раст и намалување на побарувачката за нафта.
Иако во средината на неделата цените привремено се зголемија – по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да одложи дел од царините за 90 дена (освен за Кина) – тие повторно паднаа откако САД ги зголемија тарифите за кинески увоз на вкупно 145%, на што Пекинг возврати со 125% тарифи.
„Трговската војна и недостатокот на јасна и конзистентна економска политика предизвикуваат несигурност на пазарот“, вели Тамас Варга од PVM.
ОПЕК најавува повеќе нафта на пазарот
И покрај стравувањата од намалена побарувачка, водечките извозници на нафта најавија зголемување на производството. Според ОПЕК, Саудиска Арабија, Русија, Ирак, ОАЕ, Кувајт, Казахстан, Алжир и Оман планираат во мај да зголемат дневното производство за 411.000 барели – количина што беше планирана за цел тримесечен период.
ОПЕК ја базира одлуката на проценката за „стабилна рамнотежа помеѓу понудата и побарувачката“ и „позитивна перспектива на пазарот“.