Дали Британија е подготвена за можен воен судир со Русија?

Додека агресијата на Русија против Украина влегува во петтата година, а Европа се соочува со растечки инциденти поврзани со т.н. „хибридно војување“, британските воени лидери предупредуваат дека земјата мора да се подготви за војна, ако сака да ја избегне. Но прашањето што го поставува анализата на BBC е уште поостро: доколку дојде до незамисливото и навистина избие конфликт со Русија, дали Обединетото Кралство би можело да се бори подолго од само неколку недели?

Изјавите на рускиот претседател Владимир Путин од 2 декември се уште еден потсетник дека судир меѓу Русија и НАТО не е толку далечен сценарио како што многумина се надеваа. „Не планираме војна со Европа. Но ако Европа ја започне, ние сме подготвени веднаш,“ рече Путин, обвинувајќи ги европските држави дека го попречуваат американскиот напор за мир во Украина.

Иако е малку веројатно Британија да се најде во војна со Русија без поддршка од НАТО-сојузниците, тензиите се очигледни.

Прекин на мобилни сигнал, неможност за картично плаќање, нарушени синџири на снабдување и проблеми со електричната енергија, според аналитичарите, ова би биле првите знаци на започнат конфликт. Современото општество зависи од подморски кабли и енергетски инфраструктури, а британските служби одамна предупредуваат на можни руски саботажи. Токму поради ова, Кралската морнарица вложи во подводни дронови за заштита на критичните линии.

Дополнително, обиди за „заслепување“ на западните сателити би можеле сериозно да ја ослабат британската способност за координација и одбрана.

На неодамнешната конференција „Борба во долгата војна“ во Лондон, експертите предупредија дека Британија нема капацитет за долготраен конфликт. Според Хејмиш Мандел од RUSI, земјата нема развиен систем за обновување ресурси, медицинските капацитети се ограничени, а плановите за справување со масовни жртви се минимални.

„Долгиот конфликт бара длабочина, резервен кадар, логистика и опрема што може да ги апсорбира загубите. Тоа денес недостига,“ вели Мандел.

И покрај слабата опременост и нискиот морал, рускиот воен апарат има клучна предност, масовноста. Британското Министерство за одбрана проценува дека Русија претрпела над 1,1 милион жртви од 2022 година, но сепак успешно регрутира нови сили, заменувајќи околу 30.000 луѓе месечно. Русија веќе повеќе од три години функционира како воена економија, со фабрики што непрекинато произведуваат дронови и муниција.

„Копнената војна во Украина покажа дека бројноста е пресудна за секој што би се соочил со Русија,“ нагласува Кир Џајлс од Chatham House.

Идејата за воспоставување „граѓанска армија“, предложена од поранешниот британски армиски командант Патрик Сандерс, беше брзо отфрлена. За разлика од Франција, Германија или Шведска, Британија одамна го нема културното и институционално наследство на задолжителна воена служба.

Поранешниот министер за одбрана Бен Волас предупреди дека британската армија не може да преживее на „диета од политички пораки и празни ветувања“, и дека долгогодишното недоволно финансирање ја направило земјата ранлива.

Денес, одбранбениот буџет е далеку под нивоата од времето на Студената војна. Во 1990 година Британија трошеила 4,1% од БДП на одбрана; денес власта се обидува да стигне до 2,5% до 2027. Русија вложува околу 7% од БДП.

Иако на хартија британската армија брои 74.000 војници, реалниот број сили подготвени за распоредување е само 54.000, помалку од загубите што Русија ги претрпува за два месеца во Украина.

Аналитичарите сметаат дека по Украина, потенцијални мети би можеле да бидат балтичките држави, особено региони со значајна рускојазична популација. Коридорот Сувалки, тесен појас меѓу Полска и Литвa, се смета за една од најранливите точки. Доколку Москва го заземе, би добила директен копнен пристап до Калињинград.

Естонскиот град Нарва, каде што мнозинството население зборува руски, се смета за една од најјасните потенцијални точки на ескалација. Во Естонија моментално се распоредени околу 900 британски војници.

Обединетото Кралство одамна е цел на операции поврзани со Кремљ, како убиството на Александар Литвиненко во 2006 година и труењето на Сергеј Скрипал во 2018 година. Последните истраги го поврзуваат Путин и со индиректна одговорност за смртта на Даун Стерџес во истата афера со новичок.

Експертите се согласуваат дека Британија речиси сигурно би војувала во рамките на НАТО, но остануваат прашања околу тоа како би реагирал американскиот претседател Доналд Трамп во случај на напад врз некоја балтичка држава.

„Обединетото Кралство, за разлика од Полска, Финска и балтичките држави, не е подготвено за војна,“ заклучува Џајлс. Подготовките би биле скапи, политички ризични и непопуларни, но, како што вели тој, британската јавност мора да сфати едно:

„Слободите и просперитетот што ги земаат здраво за готово се навистина загрозени. Слободата не е бесплатна, а коренот на проблемот е во Москва.“

Зачлени се на нашиот е-билтен