Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека ако не е можно да се стави крај на војната во Украина, Соединетите Американски Држави треба да се откажат од напорите и да продолжат понатаму. „Ако не е возможно да се стави крај на војната во Украина, ние мора да продолжиме понатаму“, им рече тој на новинарите пред да замине од Париз.
„Тоа не е наша војна. Ние не ја започнавме. Соединетите Американски Држави и помагаат на Украина веќе три години и сакаме војната да заврши, но тоа не е наша војна“, рече Рубио. „Веќе 87 дена, претседателот Доналд Трамп прави континуирани напори на највисокото ниво на владата за да ја доведеме оваа војна до крај. Сега доаѓаме до точка кога треба да одлучиме и да утврдиме дали е воопшто можно. Затоа разговараме со двете страни“, додаде тој.
Американскиот државен секретар додаде дека претседателот Доналд Трамп „останува заинтересиран“ за постигнување договор, но дека „има многу други приоритети ширум светот“.
„Тој е подготвен да продолжи понатаму доколку не има знаци на напредок“, рече Рубио.
Тој додаде дека прашање на денот е дали е можно да се стави крај на војната во Украина или не.
Се сретнаа луѓето на Трамп, Украинците и претставниците на трите европски сили
Вчера во Париз се разговараше меѓу високите американски претставници Марко Рубио и Стив Виткоф, претставници на Украина и три водечки европски сили – Франција, Германија и Велика Британија. Француските власти рекоа дека разговорите биле „вонредни“ и покажале дека Европејците се вратиле на преговарачка маса.
Францускиот претседател Емануел Макрон беше домаќин на американскиот државен секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, на средба во Елисејската палата. „Новото е што САД, Украина и Европејците се собраа околу иста маса“, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро на новинарите по средбата.
Висок советник на претседателот Макрон, кој зборуваше под услов да остане анонимен, рече дека разговорите биле „извонредни, позитивни и конструктивни“ и покажале „вистинска конвергенција“ кон целта на Трамп да стави крај на војната.
„Сите сакаат мир. Цврст и одржлив мир. Прашањето е како да се подели на фази“, нагласи Макрон за време на средбата со делегацијата на Рубио во Елисејската палата. Малку се знае за суштината на разговорите во Париз, но висок француски функционер најави дека разговорите ќе продолжат во истиот формат во Лондон следната недела.
Американците: Имаме нов план за мир, им го претставивме на Русија, Украина и Европа
Соединетите Американски Држави им претставија на Украина, Русија и Европа „рамка за траен и одржлив мир“, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент Тами Брус.
Украинската вицепремиерка и министерка за економија Јулија Свириденко вчера објави дека САД и Украина потпишале меморандум во врска со договорот за минерални суровини кој допрва треба да се финализира. Претставници на Белата куќа претходно нагласија дека договорот е од клучно значење за напредокот во мировните преговори.
„Американскиот претседател Доналд Трамп и Соединетите Држави сакаат да стават крај на оваа војна и сега на сите страни им поставија рамка за траен и одржлив мир“, рече Брус. Според неа, предлогот бил претставен пред украинските и европските претставници во Париз, додека американскиот државен секретар Марко Рубио истото и го пренел на Русија во телефонски разговор.
„Рубио разговараше со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Државниот секретар на својот руски колега му ја пренесе истата порака што американската делегација им ја пренесе на украинските претставници и нашите европски сојузници во Париз“, рече Брус. Таа додаде дека американскиот предлог бил позитивно примен во Париз.
„Охрабрувачките реакции на американскиот предлог во Париз покажуваат дека мирот е можен, доколку сите страни искрено се залагаат за постигнување договор“, рече Брус.
Досега, САД одржаа одделни разговори со Украина и Русија во Саудиска Арабија со цел да се постигне примирје. Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 6 април изјави дека Русија отфрла безусловен прекин на огнот бидејќи сака да продолжи со ракетните напади од Црното Море. Засега Москва покажува мала волја за сериозни мировни преговори. Руските власти поставуваат максималистички барања во преговорите за примирје со Украина и САД.
Украина веќе го прифати американскиот предлог за целосно 30-дневно примирје, објавувајќи на 11 март дека е подготвена за договор доколку Русија се согласи. Сепак, Москва засега одбива.