Данска бара објаснување од САД за зголеменото шпионирање во Гренланд

Данска најави дека ќе го повика вршителот на должноста американски амбасадор во Копенхаген на разговор, барајќи објаснување за зголемената американска разузнавачка активност во Гренланд — полуавтономна данска територија, која во минатото била предмет на интерес од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.

Министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Локе Расмусен, денес изјави дека ваквиот чекор е одговор на написот на „Њујорк Волстрит Џурнал“, во кој се тврди дека САД ги засилиле разузнавачките операции на островот.

Според весникот, неколку високи функционери, предводени од директорката на Националното разузнавање Тулси Габард, им наложиле на американските разузнавачки агенции да собираат податоци за движењето за независност на Гренланд и за ставовите околу можноста американски компании да започнат со рударски активности на островот — најголемиот по површина во светот.

Амбасадата на САД не одговори на прашањето на агенцијата Асошиејтед прес дали вршителката на должноста амбасадор, Џенифер Хол Годфри, веќе добила покана од данската влада. Од Министерството за надворешни работи на Данска, исто така, не беа дадени дополнителни коментари.

Министерот Расмусен, кој и претходно ја критикуваше администрацијата на Трамп поради нејзиниот однос кон НАТО-сојузниците и амбициите во Гренланд, рече дека наодите во извештајот се „длабоко загрижувачки“ и додаде: „Ние не шпионираме пријатели“.

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, минатиот месец ја критикуваше реториката на САД околу иднината на островот, нарекувајќи ја „непочитувачка“, додавајќи: „Гренланд никогаш, ама баш никогаш, нема да биде продаден“.

За време на својата посета на островот, данската премиерка Мете Фредериксен директно се обрати на САД, велејќи: „Не можете да анектирате туѓа земја“, откако американски претставници сугерираа дека безбедносните интереси биле причината за нивниот интерес.

Американскиот државен секретар Марко Рубио, пак, изјави дека „Гренландците не сакаат островот да остане дел од Данска“ и додаде дека Вашингтон ќе ја „почитува нивната самоопределба“.

Зачлени се на нашиот е-билтен