Данска ја отстранува скулптурата „Големата сирена“

Данските власти наредија отстранување на скулптурата „Големата сирена“ од тврдината Драгор во Копенхаген, оценувајќи дека делото не се вклопува во културно-историското наследство на локацијата, што предизвика бурна јавна дебата.

Скулптурата од гранит, тешка 14 тони, била поставена во тврдината што е дел од поранешните морски утврдувања на главниот град изградени во 1910 година. Првично инсталирана во 2006 година на пристаништето Лангелини – близу познатата „Мала сирена“ инспирирана од бајката на Ханс Кристијан Андерсен – „Големата сирена“ беше преместена во 2018 година по критики од локалното население кое ја опиша како „лажна и вулгарна“.

Контроверзијата доби нов интензитет откако неколку познати јавни личности и критичари ја нарекоа скулптурата „порнографска“ и „непоетична“. Уметничкиот критичар на весникот Politiken, Матијас Кригер, ја оцени како „груба и вулгарна“, додека новинарката Серине Готфредсен од Berlingske напиша дека „подигнувањето на машкиот сексуален сон за тоа како треба да изгледа една жена, нема да инспирира многу жени да го прифатат своето тело“.

Авторот на скулптурата, Питер Бех, ги отфрли обвинувањата, објаснувајќи дека градите на сирената се „пропорционални“ на нејзината големина.

Од друга страна, уредничката во Berlingske, Амината Кор Трејн, напиша дека контроверзијата веројатно се сведува на фактот што „Големата сирена има поголеми гради од помалку облечената Мала сирена“. Таа го постави прашањето: „Дали женските гради мора да имаат одредена академска форма и големина за да им биде дозволено да се појават во јавност?“

„Можеби двете скулптури – Големата и Малата сирена – ги претставуваат двете страни на жената и вечната борба за тоа што претставува „вистинска“ жена. А можеби и што е „погрешна жена“, заклучува Трејн.

Скулптурата треба да биде отстранета до крајот на месецот.

Зачлени се на нашиот е-билтен