Делегацијата на ЕУ: Албанија може да ги заврши преговорите за членство до 2027 година

Делегацијата на Европската Унија во Албанија им честиташе на премиерот Еди Рама и на новиот кабинет на министри за преземањето на функциите, истакнувајќи дека земјата има можност да ги заврши преговорите за членство во ЕУ до крајот на 2027 година.

Во соопштението објавено на социјалните мрежи, Делегацијата ја потенцира важноста од постојан напор за усвојување и спроведување на реформите преку транспарентни и инклузивни процеси. „Со нетрпение очекуваме да соработуваме со сите засегнати страни во Албанија за да го постигнеме овој историски момент, во корист на албанските граѓани“, наведува ЕУ.

По повод четвртиот мандат на Рама како премиер, честитка му упати и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој во објава на платформата Икс напиша: „Честитки Еди Рама за вашиот реизбор за премиер на Албанија. Со нетрпение очекувам да го продолжиме нашиот одличен дијалог и да работиме заедно за да постигнеме траен мир и безбедност за цела Европа.“

Зеленски му посака на Рама и „успех во реализацијата на амбициозните планови за Албанија и нејзиниот пат кон интеграција во ЕУ“.

Зачлени се на нашиот е-билтен