Десетици илјади демонстранти во Брисел против мерките за штедење – откажани летови и јавен превоз

Повеќе од 80.000 луѓе денес излегоа на улиците на Брисел за време на општ штрајк и масовни протести против владините мерки за штедење, соопшти белгиската полиција.

Демонстрациите, организирани од синдикатите и здруженијата на работници, го парализираа главниот град – летовите од аеродромот во Брисел беа откажани, а сообраќајот на метро, автобуси и трамваи беше сериозно нарушен, јавија локалните медиуми.

Протестите се насочени против планот на владата на премиерот Барт де Вевер, која се соочува со бюџетски дефицит што ги прекршува правилата на Европската Унија. Владата предлага намалување на трошоците за пензии и здравствена заштита со цел заштеда од околу 12 милијарди долари, што предизвика бес меѓу синдикатите.

Дел од протестите излегоа од контрола — полицијата употреби солзавец, а демонстрантите фрлаа чадни бомби и факли, пренесува Associated Press. Неколку десетици лица се приведени.

Многу демонстранти носеа знаци со бројот 67, симболично спротивставувајќи се на планираното зголемување на возраста за пензионирање. Други држеа постери со ликот на премиерот Де Вевер и натпис: „Баран за кражба на пензии“.

„Одиме кон иднина што не изгледа добро. Владата мора да нè чуе“, изјави 59-годишната демонстрантка Шантал Десмет за AFP.

Лидерот на најголемиот белгиски синдикат FGTB, Тјери Бодсон, изјави дека пензиите се клучната причина за мобилизацијата.

„Оваа влада ветуваше подобри работни услови и поголема куповна моќ. Празни ветувања! Како и секогаш, сите плаќаат – освен богатите“, се вели и во соопштението на синдикатот CSC, кој повика на масовно учество во протестот.

Штрајкот е последен во серија протести што ја зафатија Белгија откако националистот од Фландрија, Барт де Вевер, стана премиер во февруари. Неговата влада се обидува да го намали дефицитот без зголемување на даноците, но засега не успеа да постигне согласност за буџетот за следната година.

Поради тоа, премиерот вчера беше принуден да го одложи обраќањето пред парламентот, планирано токму за денес.

Зачлени се на нашиот е-билтен