Два месеца по парламентарните избори, новата чешка влада на Андреј Бабиш официјално ја презеде должноста, а земјата влегува во изразен десно-популистички курс, пишува „Дојче веле“ (DW). Прашањето што сè почесто се поставува е дали станува збор за симболична политика и остра реторика, или Чешка навистина тргнува по патот на Унгарија.
Како што наведува DW, Бабиш уште пред официјалното стапување на функцијата го најави тонот на својата политика преку необичен настап на социјалните мрежи. Во видеото, објавено на 14 декември 2025 година, новиот премиер седи пред адвентски венец и носи маица со натпис „Не на војната“, испишан со сини и жолти букви, боите на украинското знаме. Додека ја пали третата свеќа, Бабиш зборува за „прекрасен адвентски концерт“ и во исто време испраќа конфузни политички пораки, алудирајќи на светските лидери и војната во Украина.
Тој во видеото тврди дека мировен договор ќе биде потпишан најдоцна до 24 февруари 2026 година и дека ќе „гарантира безбедност за сите – за Украина, Европа и Русите“. На задниот дел од маицата стои натписот „Волонтер за мир“. Според DW, видеото е дел од долготрајна кампања и јасен сигнал за тоа каква политика Бабиш планира да води пред домашната јавност.
Неколку дена подоцна, чешкиот претседател Петр Павел го именуваше 71-годишниот милијардер за премиер, а на 15 декември беа назначени и министрите. Ова е првпат Чешка да добие исклучиво десно-популистичка, односно крајно десничарска коалициска влада.
Покрај движењето АНO на Бабиш, во владата учествуваат и десно-популистичката „Партија на мотористите“ и крајно десната „Партија на слободата и директната демократија“ (SPD). Меѓу 15-те министри има и искусни кадри, но и контроверзни личности, како лидерот на мотористите Петар Мацинка, познат евроскептик, како и министерот за култура Ото Клемпир, номиниран од SPD, поранешен музичар со контроверзно минато како соработник на поранешната чехословачка државна безбедност.
Со формирањето на новата влада заврши двомесечниот период на политичка неизвесност, но, како што пишува DW, процесот сè уште не е целосно затворен. Во јануари владата на Бабиш ја очекува гласање за (не)доверба во парламентот, а сè уште не е именуван ни министерот за животна средина. Кандидатот Филип Турек е спорен поради негови претходни расистички и неонацистички објави, поради што претседателот Павел сè уште се двоуми дали да го одобри неговото именување.
Според DW, едно веќе е јасно: Чешка доживува остар политички пресврт, од либерално-конзервативен, проевропски и силно проукраински курс, кон десничарски популизам и евроскептицизам. Останува отворено прашањето што од тоа е само реторика, а што Бабиш навистина ќе спроведе во пракса.
Најзначајната промена засега се однесува на надворешната политика. Бабиш неодамна порача дека Европската унија мора да „најде други начини“ за поддршка на Украина, наведувајќи дека „државните каси се празни“ и дека средствата се потребни за чешките граѓани. Токму ова прашање ќе биде во фокусот и на самитот на ЕУ во Брисел, каде што лидерите ќе разговараат за натамошната поддршка за Киев.
Сепак, Бабиш сè уште не објаснил што точно подразбира под „алтернативниот пат“ за помош на Украина. Исто така, не е јасно како планира да ја измени или укине иницијативата за набавка на артилериска муниција за Украина, која Чешка ја координираше за време на претходната влада.
Иако неговото движење АНO е дел од европската крајно десна политичка група „Патриоти за Европа“, заедно со унгарскиот Фидес на Виктор Орбан, аналитичарите оценуваат дека Бабиш засега не оди толку далеку во конфронтација со Брисел. Тој се противи на миграцискиот пакт, Зелениот договор и забраната на мотори со внатрешно согорување, но не е јасно дали ќе се обиде да ја блокира ЕУ во овие области.
Дополнителна сенка врз неговиот мандат фрла и нерешениот судир на интереси, како премиер и како сопственик на агроконцернот „Агроферт“. Иако вети дека ќе ја препушти контролата на независен управник, постојат сериозни сомнежи дека Бабиш навистина ќе се откаже од влијанието врз компанијата.